Синдикален протест денеска во 12 часот најавија Синдикатите и здуженијата кои ги штитат работничките права. На протестот на Денот на трудот -1 ви мај ќе бидат истакнати нивните барања до властите.
Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и на здруженијата за заштита на работничките права испратија и првомајски проглас во кој се вели дека нема демократија без социјална правда и економска рамноправност.
„Работничките права се подлога на сите други граѓански права, бидејќи 99 отсто од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Традицијата нè обврзува, но современата работничка стварност десеткратно повеќе нè притиска да излеземе на улиците на Меѓународниот ден на трудот. На 1 Мај огласуваме нова етапа во нашата синдикална борба, во која здружено мораме да се фатиме во костец со угнетувањето кое ни иде од различни страни. Мораме да го возвратиме ударот со подобра организација на нашите капацитети, појасна артикулација на нашите заложби и помудра стратегија за нивното постигнување“, се вели во прогласот.
Протестот ќе почне во 12 часот, пред зградата на Дом „Ибни Пајко“ кај Камен мост.

