Синoт на актерот Ристо Шишков, Васил Шишков, доби одобрување од Комисијата за лустрација да ги добие документите од досието на татко му, кој лустраторите го прогласија за жртва на тајните служби на поранешниот режим, дознава НОВА од извори инволвирани во работењето на Комисијата.
Овие документи нема јавно да бидат објавени, но Васил Шишков ќе го добие целосното досие, што подразбира дека ќе ги дознае имињата на луѓето кои го следеле и кодошеле неговиот татко, односно соработниците и наредбодавачите на тајната служба.
Стравувањата на добрите познавачи на приликите се дека со овие досиеја лесно може да се манипулира, но и да се поттикне потенцијална нетрпеливост дури и насилство, доколку бидат објавени сите податоци од досиејата.
Што се однесува до објавувањето на имињата на жртвите, Лустрациската комисија минатата недела не донесе одлука, со оглед на фактот што не може да биде постигнат кворум. Сепак, интерно е договорено претседателот Томе Аџиев заедно со генералниот секретар зависно од околностите, да имаат мандат да објавуваат и таков вид на досиеја.