Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Новиот предлог за името на државата за кој наводно постои согласност меѓу владите на Македонија и Грција е “Република Илинденска Македонија”. Ова навистина беше одлично изненадување. Додека сите очекуваа географска, се отиде кон историска одредница која одбележува важен момент во историјата на оваа земја. Предлогот е одличен заради повеќе причини.
Илинден е најважниот ден во историјата на Република Македонија кој јасно ја покажува суштината на нејзиното формирање. На 1903 година како резултат на Илинденското востание, во кое заедно учествувале етнички Македонци, Албанци, Власи и други а кое било насочено против тогашната Отоманска империја, се формирала Крушевската република кој претставува важен државотворен момент во врска со ова држава. Моментот на учеството на повеќе етникуми во нејзиното креирање е клучен за идентитетот на земјата, момент кој успеа да опстои и покрај големите напори да се прикрие и игнорира.
Важен е тој момент на заедничка борба против истиот опресор кој во тој момент бил Отоманската империја. Важен е заради неколку клучни причини. Тоа е времето на активното делување на историското ВМРО, кое одиграла важна улога во целиот тој процес. Тоа е времето кога освен во Крушево, и во други територии на Балканот, македонски, албански, грчки, бугарски и други движења работеле за истата цел. Тоа е време кога за исти идеали за слобода и национална преродба работеле Гоце Делчев, Никола Карев, Питу Гули, Михал Грамено, Темистокли Гермењи, Иса Болетини, Марко Бичари, и други.
Тој момент јасно ја покажува борбата за идеалите на преродбата кои се поврзуваат со западот наместо со истокот. Така, познатиот Албански поет Наим Фрашери во една негова поезија кажува дека за нас сонцето изгрева онаму каде што заоѓа, правејќи на овој начин дистинкција меѓу западните и источните политички струи. Така што тоа е момент кој не поврзува сите бидејќи суштината на сите овие во тоа време формирани балкански држави се истата борба и истите идеали. Токму заради овој факт Захариева констатираше дека Република Илинденска Македонија е добар знак дека се прифаќа фактот што Македонија и Бугарија имаат заеднички делови на историјата. Всушност историјата на целиот Балкан е полна со заеднички моменти на повеќе народи.
Илинден продолжи да биде важен дел од државотворноста на Македонија и за време на формирањето на АСНОМ. И во анти-фашистичката борба учествуваа партизани од разни етникуми во земјата, македонски, албанци, турци, власи и други. И таа беше заедничка борба против истиот опресор кој во тој момент беше. Овој момент ги вклучува и другите етникуми кои во Илинденското востание не беа вклучени, а истовремено ја опфаќа и улогата на социјалистите кои во наредните 50 години беа клучниот фактор во државата.
Илинден се поврзува и со Референдумот за независност на државата од СФРЈ познат како Третиот Илинден, и сега еве не, после 27 години да зборуваме за можен Четврт Илинден и нов почеток за земјата. Можен нов почеток во кој ќе се надминат грешките од минатото, а најважно од се, ќе се надминат тенденциите овие борби да се прикажат како изолирани борби на еден етникум, во кој тој војувал не со непријателот туку со сличните како него. Нов почеток кој ќе зборува за работи кои не поврзуваат како Балкански држави, а не за тие што не делат, за работи кои не здружуваат како етнички заедници во земјата а не за такви кои не ставаат во непријателски односи. Нов почеток кој ќе зборува за почит и соработка, наместо за омраза и непријателство.
Република Илинденска Македонија е име за кое никој нема аргументи за да не се согласи. ВМРО не може да не се согласи кога тоа е дел од нивната историја. И СДСМ не може да не се согласи бидејќи тоа име е дел и од нивната историја (преку АСНОМ). Албанците не може да не се согласат бидејќи учествувале и во Илинденското востание а и во АСНОМ. И другите заедници учествувале на речиси сите Илиндени, а преку Шарената револуција, сега имаат можност да учествуваат на тој клучен Четврт Илинден кој треба да отвори нова страна за земјата.
Никој не може да се буни дека со вакво име не се чува идентитетот на земјата, на етничките Македонци и на сите кои живеат во неа. Нема име кое подобро го чува тој идентитет. Бугарите не може да не се согласат кога сами прифатија дека имаме заедничка историја со нив. А Грците не може да не се согласат кога ова име најдобро ја прекинува тенденцијата на поврзување со Античката Македонија, заради која тенденција на вештачко креирање на историја изгубивме многу години во спорот со името и со тоа се оддалечивме од Европската иднина.
И на крај, нема подобро име за кое може без проблем да се прифати, па дури и самоволно да се иницира, и менување на Уставот, и erga omnes употреба на истото.
Ова е навистина одлично решение за кое сите инволвирани на спорот може да најдат согласност. Така, секогаш се знаело дека сите патишта водат кон РИМ, а овој пат РИМ сме ние, и ова е прекрасна можност да се гордееме со тоа што сме.




