Колку е моќен Груевски и воопшто, груевизмот? Неговото најсилно оружје се уште е пропагандата, но е далеку од сјајните 9 години, кога целиот медиумски простор беше киднапиран и кога се започна со величествената 2011.
Неговиот најмудар потег (полека, не скокајте. Подоцна следи објаснувањето за т.н мудрост) во целиот овој период од владеењето за замолчување на јавноста беше затворањето на А1, потоа и на весниците Шпиц, Време и Коха. Видете, моќта на Велија Рамковски не беше само во медиумите, крстот на сопствената харизма (не само политичка) Рамковски мораше да ја плати.
Па добро, мораше и низ тоа задоволство да поминам, сега се сеќава Груевски и на тие, тоа се се, само не осамени денови, кога четите тенкови и специјалци го окупираа медиумот.
Како вели тој, додека цупка со прстите по масата на Емил Димитриев, поминувајќи набрзина низ сликите кои ги врамил (понекогаш скриени во првата фиока, кога ќе дојде некој странец. А тие ретко навратуваат): мораше да се пристапи и кон таа операција- да биде ставен Рамковски во затвор, со неговото дете, како поинаку би уништиле некој човек?
Но, да, само Груевски веруваше во тоа, затоа што за да го уништите Рамковски и неговото семејство, има една легенда- морате да ја поништите планетава, да не остане ниту сеќавање за историјата на човештвото, дури тогаш може олеснето да воздивнете. Но, следете го ова – но.
Но, кога само вие ќе останете, како сведок на новиот, прекрасен свет, ќе ве потчукне некој од зад грб, за да ви ги раскаже сите денови на оваа земја со кои располагал Груевски. Што да се прави, Груевски никогаш не претпоставуваше дека тој човек (оној кој благо ќе ве чукне три пати) ќе биде Рамковски, дури и кога тој лично го стави зад решетки, заварени од некој од началниците на лидерот, а под буден надзор на Јанкуловска.
Да се разбереме- Јанкуловска два пати ги врти клучевите на политичките затвореници, онака како што два пати со друштвото ја уништуваше опремата за прислушкување. Мислам дека биле повеќе пати, но на сите им е незгодно да признаат, дури и Оливер Спасовски има некоја загонетна насмевка, по која ќе препознаете дека ѓаволот располага со деталите, но никој не би поверувал на пародијата, која не може а да не ја замислам.
Возрасни луѓе, богати, биле и функционери, како да се работи за последните денови пред апокалипсата, оделе по отпади по глуво доба на ноќта, додека целиот поштен (на македонски е чесен, но имајте милост за црниов хумор, кој плаче за србизам) свет спие, хрчи или во агонија се преслушува што кажал на телефон дента, тие настапиле. Верувам дека шушнало нешто, по отпадите секогаш имате трето око кое не спие, ги замислувате ли како легнувале како покосени, не дишеле и не трепнувале, глумеле дека се мртовци кои завршиле онаму каде што припаѓаат.
Да се вратиме на она што го знаете и сами, моќта на Груевски за која ви говорев ( да се затворат А1 и Рамковски)-таа доаѓа со годините, откако ќе ги направите сите маестрални потези се разбира: уценување, притисоци, заплашување, вистински терор не само во судството, администрацијата, школството, здравството, земјоделието, итн.,итн.
Улиците се претпоследната станица на политичкото силување на граѓани, но онаа крајната секако дека се домовите. Онаму каде што се плашите да го изговорите името на оној кој ви го зел животот, од таму се почнува.
Моќта на луѓето, политичарите како Груевски почива врз лакомоста не само за пари, туку и глад за деструктивност на својот народ и земја, и затоа таа мудрост да се приграби моќта, која е најнесоодветниот термин за авторитарните лидери, се темели исклучиво врз пустошот кој го оставаат зад себе.
Врз таа сила дишеше со полн капацитет Груевски, обединителот на политичкиот аквариум во духот на путинизмот.
Тој во првичните стадиуми на владеењето ги прегрна медиумите со таква жестина што им попукаа коските, но, погледнете ги денеска истите тие медиуми. Тие станаа најжестоките противници на пропагандата на опозицијата, најпрво на Црвенковски, за подоцна од таа пропаганда да стане посакуван како единствено и чесно решение (само го цитирам Латас). На Црвенковски подоцна ќе му биде забрането да делува и тоа лично од странскиот фактор, што дојде како еден вид освежување за бранковистите. Најдобро се копаат гробовите подземно, зарем не?
За разлика од нив, за Шеќеринска од првиот ден, па се до денес, филигрански се штанцаа потерници, конечно ниту едно семејство не е поштедено.
Но, со доаѓањето на Заев, се разобличи целиот опозициски пропагандистички план кон медиумите: барањето на опозицијата беше без преседан, инсистираа да се информира јавноста за нив, барем една до две минути, како еден вид пауза додека се објавуваат потерниците на целиот опозициски џган: малку е само оној шут од СДСМ, додајте го отпадот на новинари, активисти, членови на невладини, соросоидна платеничко-предавничка збирштина, сите заедно припадници на странски служби, раскринкани при превезувањето на жолтите комбиња горе-доле низ Илинденска, додека прислушкувале и јаделе крофни.
Ахмети и ДУИ не влегуваат во приказната за моќта на Груевски. Ниту пак судството, кое и онака не постои. И само, без никакви интервернции, одлично го заврши тоа сопствено самоубиство. Сега веќе знаеме што следува: освежена Влада, услови за избори од кои не отстапуваат Заев и Шеќеринска, зајакнување на Специјалното јавно обвинителство со посебна судска единица и- тука некаде и доаѓа крајот.
Што ќе се случи со опозицијата? Минатата недела пишував веќе за оние кои говорат дека ова е последното танго на Заев. Многумина од нив, за кои и пишував, протестираа, веројатно се препознаа, а можеби и читале дијагонално, за побрзо да му јават на лидерот на СДСМ за мојата предавничка улога. Еднаш предавник (потпишано од Груевски), секогаш предавник.
Се уште мислам дека на Заев му е ужасно тешко, да не речам невозможно, да се биде опозиција во земја во која власта се заробила и угнетила. Да се послужам со зборовите на Шеќеринска, дадени во интервју за НОВА- тоа владеење сега изгледа како чорап, тој котелец по котелец, нит по нит, се пара. Потребно е време, а ние, за чудо, живееме за тоа време. И никогаш повеќе не сме биле живи.