Агенцијата за електронски комуникации ќе плати дополнителни речиси 1 милион евра за изградба на нејзината административна зграда што ја гради на Кејот на Вардар, како дел од комплексот административни објекти кои никнаа со „Скопје 2014“, јавува Утрински.
Само досега новиот објект на АЕК чини огромна сума од 10 милиони евра ако се има предвид основниот договор за изградба, кој беше вреден околу 8,5 милиони евра, а за внатрешното уредување Агенцијата склучи договор во вредност од 1,2 милиони евра.
И дополнителните работи за кои АЕК го склучи неодамна анексот, ќе ги изведува ГП „Гранит“.
„Договорот е склучен со преговарање без претходно објавување оглас бидејќи таквите дополнителни работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган“, стои во образложениетона потпишаниот анекс, кој е објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.