Џарканд: Во еден од инцидентите, татко и неговите две деца биле убиени од слонот. Сопругата изјави дека успеала да побегне со нивната двегодишна ќерка, која била повредена, а дури подоцна дознала дека сопругот и двете постари деца загинале.
Најмалку 20 луѓе се убиени од див слон во период од девет дена во источната индиска сојузна држава Џарканд, соопштија надлежните, додавајќи дека животното сѐ уште не е фатено.
Смртните случаи се случиле меѓу 1 и 9 јануари во шумските области Чајбаса и Колхан во округот Западен Сингбхум, кои се дел од една од најголемите шумски зони со дрвја сал во Азија, пренесе „Би-би-си“.
Конфликтот меѓу луѓето и слоновите со години е присутен во регионот, а официјални лица и истражувачи го поврзуваат со намалувањето на шумските површини, фрагментацијата на живеалиштата и зголемената човечка активност во близина на коридорите за движење на слоновите.
Во тек е масовна потрага во која учествуваат повеќе од 100 шумски работници, со цел да се лоцира слонот, соопштија надлежните.
Ова е без преседан. Првпат ваков модел на смртни случаи се поврзува со еден машки слон во овој регион – изјави раководителот на шумската служба за областа, Кулдип Мина, додавајќи дека целото подрачје е ставено во состојба на зголемена готовност за да се спречат нови жртви и материјална штета.
Тој истакна дека „нивен приоритет е да го пронајдат, фатат и безбедно да го вратат животното во природната средина“.
Окружниот управник Чандан Кумар за „Би-би-си“ изјави дека меѓу загинатите има и еден шумски работник, а властите најавија парична отштета за семејствата на жртвите.
Поголемиот дел од жртвите биле убиени ноќе, додека ги чувале залихите со ориз складирани на нивите и во амбарите – вообичаена практика во руралните делови на Индија.
Една од жртвите, 34-годишниот Мангал Синг Хембрам, бил нападнат во близина на својот дом во селото Бодијари, додека се враќал од работа, соопштија надлежните.
Во селото Бирсинг Хату, 62-годишниот Урду Бахода бил убиен додека ја надгледувал својата нива, изјави неговото семејство. Подоцна истата ноќ, 42-годишниот Вишну Сунди од соседното село бил прегазен од слонот додека спиел надвор од својот дом, изјави неговиот син.
Во друг инцидент на 5 јануари, Кундра Бахода и неговите две деца, шестгодишниот Кодама и осумгодишниот Саму, биле убиени од слонот. Сопругата на Кундра, Пунди, изјави дека успеала да побегне со нивната двегодишна ќерка, која била повредена, а дури подоцна дознала дека сопругот и двете постари деца загинале.
Шумските власти соопштија дека слонот е млад, подвижен и честопати ја менува локацијата, особено ноќе, што значително ја отежнува потрагата.
Тимовите користат традиционални тапани за предупредување на жителите и ги советуваат луѓето да не излегуваат и да не спијат надвор во текот на ноќта.
Мина рече дека првичната проценка укажува оти слонот можеби се наоѓа во фаза на парење кога машките слонови стануваат поагресивни поради зголемено ниво на тестостерон.
Надлежните велат дека ваквото однесување обично се смирува во рок од 15 до 20 дена.
Тие наведоа и дека слонот можеби се одвоил од своето стадо, што дополнително ја нагласува потребата тој да биде пронајден и повторно приклучен кон другите слонови во шумата.




