Словенија вчеравечер испрати 35 борбени пешадиски возила од југословенско производство БВП М-80 на Украина кои од 1991 година се наоѓаат во вооружувањето на словенечката војска. Пратката доцна ноќеска ја мина словенечката граница и се упати кон Полска од каде ќе бидат доставени на украинската војска на западот на земјата и од таму ќе бидат распоредени на линиите на фронтот.
Според пишувањата на медиумите во Словенија, пешадиските возила брзо ќе бидат распоредени на источниот фронт.
Словенија, во знак на благодарност, ќе добие ваучер од САД за купување на вооружување во вредност која е поголема од вредноста на донацијата.
Возилата М-80А беа чувани долги години меѓу тенковите и други оклопни возила во депоата кај Пивка, а деконзервацијата траеше неколку недели. Логистичките потешкотии што се јавија во меѓувреме, спречија побрза експедиција во Украина, најверојатно поради унгарската забрана за превоз на оружје кон исток. Со тоа, Словенија го исполни ветувањето кон Украина и придонесе за одбрана на земјата.