Евроамбасадарот Авио Орав утре во 12 часот ќе има средба со Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски. На средбата ќе се отворат прашањата околу оправданоста на притворот на новинарот, условите во кои работат истражувачките новинари и генералната состојба со слободата на медиуми која станува уште позагрижувачка со притворањето на еден новинар.
Речиси без исклучок сите интернационални организации кои се занимаваат со слободата на говор и човековите права остро реагираа за притворот на новинарот Кежаровски. И покрај тоа, притворот на Кежаровски минатата недела му беше продолжен за нови 30 дена од страна на истражната судијка Татјана Михајловска, а ако се земе во предвид дека поради летните одмори следи судска ферија, се зголемува можноста новинарот да остане во притвор цело лето.
„Репортери без граници“ уште при првата реакција за притворот на Кежаровски ја повикаа Делегација на ЕУ во РМ под итно да го испита случајот.
Претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го прими Иницијативниот одбор, а наместо тоа понуди тоа да го сторат некои од неговите советници. Со разочарување поради недостатокот на интерес кај претседателот за сериозните состојби во сферата на слободата на медиуми и човекови права, особено во време кога во земјава за прв пат е притворен новинар поради напишан текст, Иницијативниот одбор ја одби средба на советничко ниво.
Фотографија: Утрински весник