„Шарената револуција“ и експресните постапки на идентификување на осомничени демонстранти, додека за други насилни инциденти и по неколку години нема разрешница, отсликуваат како функционира селективната правда во Македонија. Дали притвори и кривични пријави добиваат само оние кои се на „погрешната“ страна на протестите?
Веднаш откако заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков изјави во јавноста дека поседува снимки од протестите и ќе бидат поднесени пријави против демонстранти, провладиниот портал Курир објави листа на лица кои заработиле кривични и прекршочни пријави и куќен притвор.
Луѓето кои се дел од популарно наречената „Шарена револуција“ и се осомничени дека ја оштетиле Народната канцеларија на претседателот и Министерство за правда, како и дека фрлале боја по други објекти, експресно добија пријави од полицијата и нивните имиња беа објавени во сите провладини медиуми.
Без да се почитува правото на презумција на невиност, овие медиуми објавија текстови со наслов „Ова е списокот на вандали кои досега се идентификувани и пријавени од МВР“, заедно со „црна листа“ на луѓето кои треба јавноста, а не судството да ги суди како хулигани.
Како овие медиумите ги добиле овие информации и детали кои ги поседува полицијата, засега останува нејасно. На прашањето на НОВА како провладините медиумите дошле до информациите кои досега се идентификувани и пријавени од МВР од министерството велат: „Прашајте ги нив“.
„Ние секогаш одиме со иницијали и како тие дошле до тие податоци не знам, ќе треба да ги прашате нив, од кај нас не се излезени“, велат од МВР за НОВА.
Селективно третирање на снимките
„Шарената револуција“ и експресните постапки на идентификување на осомничени демонстранти кои наводно ја демолирале Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов и фрлале боја по други објекти од контроверзниот проект „Скопје 2014“ отсликуваат како функционира селективната правда во Македонија. Дали притвори и кривични пријави добиваат само оние кои се на погрешната страна на протестите? Во продолжение потсетуваме на некои од најпознатите насилни инциденти и настани во кои видео снимките беа игнорирани или пак не беа третирани на соодветен начин како докази.
- Нападот врз општина Центар
Во јуни 2013 напаѓачите на општина Центар протестираа против, како што тврдеа, обидите на Жерновски да ја спречи изградбата на црква на плоштадот. Демонстрациите беа насилни и завршија со демолирање на општинските простoрии. Зад протестите застана неформалното здружение „Веритас“. Од нападот постоеја бројни видео снимки каде се гледаат лицата на луѓето кои ги демолираа просториите на општината. Полицијата никогаш никого не приведе за демолирањето на општината, а прозивки да си ја заврши таа работа доби дури и во Извештајот за напредок од 2014 година. Тој случај уште еднаш ја потврди селективната правда во Македонија. По две ипол години, МВР во март објави дека истрагата за нападот е завршена и предметот е предаден во обвинителство. Ако за тој случај се уште никој не одговараше, денес гледаме како се приведуваат и држат во полиција универзитетски професори, студенти, граѓани.
- Нападите врз ЛГБТ Центарот и кафе Дамар
Снимките од безбедносните камери поставени во ЛГБТИ центарот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои подоцна самите ги објавија, покажаа груб и жесток напад врз нивните простории од страна на групата демонстранти кои во март 2013 се судрија со полицијата на Битпазар, при што беа демолирани објекти од приватна и јавна сопственост, а беа повредени и полицајци. За овој напад, како и за штетите предизвикани на другите субјекти, 14 обвинети лица добија казна затвор од 12 години. Но ова не беше прв и единствен напад врз ЛГБТ центарот. При еден од нападите истата година беше повреден и полицаец, а МВР се уште трага по сторителите. Беше направен и обид за палење на ЛГБТ Центарот за поддршка кој се наоѓаше во Старата Скопска чаршија. За време на прославата на овој центар која се одржуваше во кафе барот Дамар, кој беше полн со луѓе, група хулигани го демолираа барот и ги нападнаа присутните, инцидент во кој имаше двајца повредени. Претседателката на Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Уранија Пировска вели дека ги предале сите снимки од безбедносната камера во јавното обвинителство. Засега немаат никакви информации во врска со сторителите на нападот, ниту за тој во 2013 година, ниту пак за нападот на кафулето Дамар.
„И тука имаше камери во чаршијата и може да се фати трага. Таква банда како што беше онаа која го нападна ЛГБТ центарот може многу лесно да се препознае, со оглед на тоа што на снимката беа фатени многу од нивните лица, не беа покриени. Дека постои селективен пристап е очигледно, бидејќи кога го искршија центарот на 2 и 3 март исто имаше снимки и тие снимки беа употребени во судската постапка, која се водеше и за другите дуќани кои беа оштетени. Но тогаш не беше постапка која се водеше само за ЛГБТ Центарот, туку во инцидентот беа искршени и други дуќани“, вели Пировска.
- Камерите на плоштадот за убиството на Мартин Нешковски
Ако за претходните инциденти видео снимките како доказ се несоодветно третирани или игнорирани, во следните два случаи јавноста се уште нема задоволително објаснување како е возможно да не постојат? За убиството на Мартин Нешковски кое се случи на плоштадот Македонија, уште од самиот почеток се шпекулираше дека постојат видео снимки од камерите на зградата на Телеком, но и од околните дуќани. Александар Нешковски за НОВА вели дека камерите од Телеком, не се земени и не се видени, и не знае дали воопшто се уште постојат снимките. „Но со сигурност знаеме дека функционирале камерите и тоа не само на плоштадот, туку и од самите дуќани има, се се гледа. Сега очекуваме да поведе некаква постапка и Специјалното обвинителство, па ќе видиме како ќе биде разгледуван случајот“, вели Александар Нешковски.
- Камерите на патарините од сообраќајката на Младенов
Сторијата која ја објави колегата Томислав Кежаровски неколку дена по сообраќајката на сопственикот на Фокус, Никола Младенов покажа дека истражните органи ја спровеле истрагата во најмала рака, несоодветно и непрофесионално. Тимот на Нова Македонија тогаш објави дека нашле четири фискални сметки од патарини, а на лице место имало и други расфрлани предмети -делови од мерцедесот, весници, кутии цигари…
Јавното обвинителство ја затвори истрагата во 2013 година како несреќен случај, но и покрај тоа останаа многу неодговорени прашања за смртта на еден од најпознатите критички новинари во земјава. Каде исчезна мобилниот на Младенов, трагите од боја на задниот дел од автомобилот, фискалните сметки, но и неработењето на камерите на сите патарини од Скопје до Велес. Според обвинителството, камерите на патарините Скопје-Велес или ги немало или не функционирале, а на разговор воопшто не биле повикани вработените на наплатните рампи бидејќи според претседателката на скопското јавно обвинителство Гордана Гешковска, тие не биле релевантни за случајот.
Неработењето на безбедносните камери беше споменато и на една од прес конференциите на СДСМ при објавувањето на бомбите, насловена „ Десетте причини поради кои треба да се покрене нова истрага за смртта на Никола Младенов“.
Во дел од разговор кои според СДСМ се помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котевски се слуша дека не работеле камерите на наплатните станици на патарините, како и на влезот во Скопје, кај населбата Ченто. „Но и оваа, исто така важна информација Јанкуловска сака да ја скрие од јавноста. Зошто МВР не спровела истрага од кои причини не работеле камерите на наплатните станици, на патарините? Коишто патем ги обезбедува агенцијата СГС зад која целосно стои Мијалков. Што или кого крие неработењето на камерите?“, изјави тогаш Заев.