Колумна на Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Македонија има проблем со гонењето на говорот на омраза и делата на омраза. Иако концептот на овие дела е воведен во Кривичниот законик уште со измените од 2004 и 2009 година, во Македонија се уште не постои ниту една судска пресуда која ја идентификува омразата, односно пристрасноста како одлучна отежнителна околност на делото или како основ за квалификуван облик на делото. Македонија нема официјален систем на идентификување на инцидентите од омраза и на делата од омраза во полицијата, јавното обвинителство и во судот, и заради ова секоја година е критикувана од ОБСЕ-ОДИХР како земја која не објавува официјални податоци за овие дела и која не прави јасна разлика помеѓу говорот на омраза и делата на омраза. Притоа, треба да се истакне дека во Кривичниот законик и двете работи се казниви, што значи дека овие се меѓу тие одредби кои убаво изгледаат на хартија меѓутоа во реалноста никогаш соодветно не се применувале.
Изгледа дека органите на прогонот одлучиле да ја променат ова состојба. Тоа одлучиле да го направат избирајќи го како прв случај на гонење на говор на омраза еден Фејсбук напис на Ирена Ристиќ. Како што пролетта не доаѓа со една ластовичка, така и омразата не се гони со едно жртвено јагне.
Се сеќавам на денот кога го прочитав проблематичниот Фејсбук пост на Ирена за кој таа сега е повикана да даде исказ пред јавен обвинител. Се сеќавам на изненаденоста а и на разочараноста која ме опфати. Ја разбирам горчината и состојбата во која се наоѓаше во тој момент, но едноставно не можев да најдам оправдување за напишаното. Тоа едноставно не сакав да го прочитам на нејзиниот ѕид, никогаш. Тоа е едноставно толку далеку од се што таа има правено и го прави, толку во спротивност со нејзината личност, нејзиниот активизам и нејзиното големо срце. На тој пост не и беше местото ни таму, ни никаде на друго место, а коментарите кои се напишаа под истиот го истурија целиот отров на омразата што нашето општество упорно го негува како да е тоа најголемата вредност во светот. На тој несреќен пост на Ирена ќе се сеќавам секогаш како на инцидент, непромислена грешка која не требаше да се случи, која повреди многу лица, меѓутоа која не се повтори и за која, сигурна сум, Ирена патеше и се каеше повеќе зошто го напиша поради што и јавно се извини. Не прочитав веќе ништо слично од неа и таа полека се врати на реалноста од пред моментот на афект во кој го напиша тој пост. Секако, секое наше однесување има свои последици, за кои следи и одредена одговорност. Самото официјално повикување да се даде исказ е дел од таа одговорност.
Од друга страна, се сеќавам на многу други постови кои упорно и повеќекратно, на мошне јасен начин и без никаков сомнеж, ширеа и шират омраза а и повикуваат на насилство. Така на пример, не го следам редовно Миленко Неделковски, бидејќи едноставно одбивам секојдневно да се изложам на таков отров, меѓутоа кога и да прочитам или слушам нешто од него невозможно е да не ја почувствувам омразата која се излева преку неговите зборови. Пред само неколку дена на Јутјуб се објави видео од една емисија снимена во Србија (Балкан Инфо) каде што тој ширеше јасна и очевидна омраза против своите сограѓани Албанци, како што впрочем тоа го направил безброј пати до сега, со што покажал јасна и недвосмислена директна умисла да шири таква омраза, раздор и нетрпение. Неверојатна работа! Ако човек единствено го слуша кажаното на таа емисија, кога би се сретнал со Албанец, би избегал од него како од чудовиште. Албанците според него биле “племе” кое е од таков “сој” што не знае да се врзува за територијата (за разлика од Македонците кои емоционално се врзувале за својата земја) туку биле “чергари”, сите се занимавале со криминал и биле поопасна мафија од сите други мафии на свет, а во градовите каде живеат Албанци во Македонија полицијата не можела да влезе освен ако се и тие Албанци. Според Миленко, тие колективно не плаќале струја, ниту пак други давачки и плус биле добро наоружани. Ви звучи позната таа реторика? Секако дека да, бидејќи истата се повторува од него при секоја дадена можност, а и се шири не само од него туку и на него сличните “опинион-мејкери” кои на тој начин успеаја да отрујат голем дел од граѓаните на ова држава и да им ја негуваат и прошират омразата која некои од нив природно ја чувствуваат кон Албанците. Тоа е типично извршување токму на делата Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и Ширење на расистички и ксенофобен материјал по пат на компјутерски систем од членовите 319 и 394-г од КЗРМ. Однесувањето на Миленко е школски пример на извршување на тие дела, и на недопирливост и неказнивоста за истите.
Таков говор јасно слушнавме во прислушуваните материјали и од поранешната министерка за внатрешни работи, Јанкуловска, која употребуваше многу слични зборови како Миленко: “племе”, “индијанци”, “шиптарана”, “циган по циган за уши ќе ги вадиме”, и што уште не. Таквиот говор е дел и од вокабуларот на некои “професори” кои исто така шират стереотипи и предрасуди секогаш кога ќе им се укаже можност за тоа, а такви можности денешните медиуми им укажуваат редовно. На една телевизиска дебата во која учествував, една таква “професорка” ме убедуваше дека во местото каде јас живеам не се плаќа данок, не се плаќа струја, не се вее македонското знаме и има голем криминал. Друга “професорка” во пишана колумна ги караше граѓаните Македонци и ги прашуваше дали треба некој да ги чукне по глава зашто не разбирале колку е сериозна работата и не гласале во поголем број за одредена партија, плашејќи ги дека ќе биле спречени од Албанците да одат во своите викендички во Попова Шапка или Маврово, бидејќи очигледно ќе настапила федерализација на земјата. И во тие случаи почнуваш да се сомневаш за тоа која реалност е вистинската, дали таа за која зборуваат “професорките” кои никогаш не живееле во Тетово, или реалноста во која јас живеам, во која се будиш наутро, одиш до ЕВН, плаќаш струја (или тоа го правиш преку е-банкинг, без оглед на фактот што некои мислат дека си заостанат “индијанец” или “чергар” кој живее во племе), по пат застануваш во УЈП каде ја уредно ја доставуваш пријавата за даноци и се поздравуваш со колеги Македонци со кои непречено работиш во истиот Универзитет ги поднесуваш истите пријави и живееш во ист град (за кој впрочем статистиките на невладините организации јасно укажуваат дека има сосема мал број на инциденти од омраза во споредба со Скопје на пример), потоа се враќаш дома покрај реката и поминуваш близу зградата на МВР каде во висок јарбол се вее големо македонско знаме. И се чудиш за што зборуваат овие луѓе, секој ден, упорно злоупотребувајќи ја моќта на медиумите и социјалните мрежи и на начин што не креираат само јавна мисла туку шират вистинска омраза која после се огледува на други настани.
Така, се сеќавам и на првиот ден на протестите “За заедничка Македонија” на кои лицата во првиот ред и многу други позади нив едногласно пееја “И нека знаат клетите шиптари, македонско име нема да загине”, потоа извикуваа “Чиста, чиста, чиста Македонија”, “Смрт за шиптари”, и многу други грди работи. Само неколку недели порано од тоа, пред зградата на ДИК јавни функционери се изнакажаа се и сешто, од ноќ на ножевите до заканувачки зборови и илустрирани некролози за странските амбасадори. Во тие настани имаше и транспаренти со јасно видлив говор на омраза и закана кон одредени лица како на пример “Машна за Заев, Ролка за Рада”, а дури имаше и случај на учителка која носи крст со името на Заев. Ваквите пораки беа клучни за настаните кои следуваа во кои токму тие лица на кои се однесуваа тие пораки настрадаа од извршените насилства. Говорот на омраза е казнив бидејќи многу често доведува до дела на омраза.
Таков говор на омраза сме виделе многу во изминативе години а особено годинава. А во ширењето на таква омраза директен придонес даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски кој пред настаните на 27 април јасно ги повикуваше граѓаните да не седат дома по влечки и да си ја земат судбината во свои раце бидејќи некој сакал да им го одземе тоа што е нивно. Тоа беше јасно и умислено предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост од членот 319 од КЗРМ и тоа во квалификуван облик, имајќи ја предвид злоупотребата на положба на партиски лидер како и фактот што поради предизвикувањето на таква омраза дојде до безредие и насилства спрема луѓе токму во настаните на крвавиот четврток. Таквиот квалификуван облик на делото се казнува од една до десет години затвор.
За ниту една од овие јасни случаи на говор на омраза наведени во текстов не видовме ни кривична пријава, ниту пак покренување на истрага по службена должност од страна на јавното обвинителство за лицата кои ги предизвикаа. Таквиот говор едноставно беше преќутени, ставен под тепих како и многу други претходни случаи, а во однос на лицата кои го употребуваа тој говор уште еднаш се утврди нивната неказнивост и недопирливост. Ама затоа еве, ќе се испитува Ирена, како жртвено јаре, за да се воспостави правда истовремено и за сите други извршители на такви дела кои претходно не биле гонети а нема никакви знаци дека истите би се гонеле и во иднина. Испаѓа дека Ирена треба да ја носи целата вина за сиот говор на омраза кој се ширеше сиве овие години и да биде првата која официјално ќе биде казнета за говор на омраза во ова држава.
Говорот на омраза е сериозна работа и треба сериозно да биде сфатен во секоја држава. Делата на омраза кои се предвидуваат во нашиот КЗ а кои се поврзани со предизвикувањето и ширењето на омраза се извршуваат со директна или евентуална умисла, не со наврапита умисла создадена во афект. Сепак, последиците се важни и секако дека секој инцидент кој можеби предизвикал омраза треба сериозно да се сфати и одговорноста да се носи во согласност со степенот на вината.
Неправдата во овој случај не е во фактот што Ирена била повикана да даде исказ во ЈО. Таа ќе даде исказ и ќе ги објасни околностите на инцидентот. Обвинителот а потоа можеби и судијата ќе треба да ги оценат сите објективни и субјективни околности кои се поврзуваат со инцидентот и личноста на Ирена и врз основа на тоа да одлучат дали постои такво дело или не.
Неправдата е во фактот што и во овој случај, како и во многу други, повторно сме сведоци на селективна правда. Законите кои важат прецизно за Ирена, така како што би требало да важат во нормално општество, не важат за Миленко а Бог да чува и да брани тие евентуално да важат за Груевски. Тие закони едноставно продолжуваат да не важат за многубројни и еклатантни примери на говор и дела на омраза кои го доведоа целото општество на работ на самото нејзино уништување.
Најопасната работа за едно општество е селективната правда која води до целосна арбитрарност и општо чувство на неправда. Затоа Бекарија уште во 18 век рекол дека законот треба да важи еднакво за сите бидејќи само така тој ќе биде праведен. Ако не важи за сите еднакво тогаш нема правда туку само арбитрарно самоволие која произведува единствено правна несигурност и чувство на недоверба и одбивност кон институциите и државата.

