Сопственичката на МИТ универзитетот Билјана Апостолова тврди дека против нив се спроведува организирана хајка која е започната уште во февруари, а вчера во раните утрински часови кулминирала, кога, како што вели буквално биле нападнати нејзиниот дом, домот на нејзините родители во Македонски брод и универзитетот МИТ со сите три негови кампуси, два во Аеродром и еден во Центар.
Во изјава за НОВА вчера таа тврди дека актерите на акцијата се веќе познати, а меѓу нив е и заменик министерот за внатрешни работи, кој до неодамна бил вработен на МИТ универзитетот, од 2011 година до 2016-та година.
„Ако Оливер Андонов, кој ни ја испрати првата инспекција на МИТ универзитет, смета дека МИТ работел неправилно и противзаконски, тој заедно со нас е исто виновник за незаконското и неправилното работење. Пет години да работиш на МИТ универзитет тогаш си соучесник во сите злодела кои сега сакаш да ги наметнеш на нас. За сите сегашни и идни дејствија кои тој ги спрема, сакам да му порачам дека ниту се плашам ниту ќе се плашам. Работиме според законот и бараме акредитации за факултети за кои одамна треба да добиеме акредитации“, вели Апостолова.
Заменик министерот Андонов преку медиумите ги демантираше обвинувања на Апостолова и ги нарече лаги.
„Ги отфрлам обвинувањата како неосновани и се чисти дезинформации и лаги. За постапката дознав утринава по службена должност, не знам за какви сомневања се работи и намерно не инсистирав да ми кажат детали. Не сум добил отказ, туку јас си заминав од МИТ поради мобинг“, изјави тој за телевизијата „24 Вести“.
НОВА објави дека вчера наутро полицијата направила упад во просториите на МИТ универзитетот во сите три објекти во градот. Неофицијално, полицијата е дојдена по налог и во придружба на Основното јавно обвинителство.
Дел од вработените се сомневаат дека се работи за одмазда бидејќи токму од овој универзитет неодамна беа избркани од работа, еднодневниот министер, а сега заменик министер на МВР, Оливер Андонов и Тони Науновски од ГДОМ.
МИТ универзитетот долго време не можеше да добие акредитација за одредени факултети. Сопственичката Апостолова, која често во јавноста упатуваше критики кон власта, во интервју за НОВА изјави дека се сомнева дека се работи за опструкции од власта против универзитетот.