Пишува: Беса Арифи

Следејќи го целиот процес поврзан со бугарското вето за започнување на преговорите за пристап во ЕУ на Северна Македонија и случувањата во последниве денови се повеќе мислам дека треба да направиме голем напор и да се потрудиме да останеме трезни и разумни во овие историски времиња. Велам историски бидејќи сега се крои иднината на ова мала земја во која живееме а која, верувам сите ние кои се сметаме за нејзини прогресивни граѓани, сакаме да ја видиме што е можно поскоро како членка на ЕУ.

Ние живееме во историски период во кој се одредува насоката во која ова држава ќе се движи: кон западните вредности кои најдобро ќе можеме да ги зачуваме, промовираме и одгледуваме во ЕУ, или кон некои други врендости од кои едвај се спасивме и кон кои сеуште има силни сили кои не туркаат, а добро знаеме дека тие сили во Балкан сакаат да видат еден траен хаос наместо траен мир. Ако мислиме дека сме излегле од ќорсокакот во кој бевме, ви велам сеуште не сме излезени. Ако мислите дека конечно го избравме вистинскиот пат во крстопатот во кој се наоѓавме пред некоја година кога прегоравме со Грција, ви велам сеуште сме на тој крстопат и има уште многу да работиме, бидејќи убавите работи не доаѓаат така лесно и без жртви.

Интересно е да се следи целата хистерија и драма која се направи околу последното интервју на премиерот Зоран Заев за БГНЕС. Се јавија сите да го расчеречат, жив да го изедат, да го наречат предавник, шиткач на македонските интереси, шверцер на идентитетот на македонскиот народ. Човекот кој не донесе до тука, кој со крвава глава дојде на власт со целата наша поддршка, кој ја имаше храброста уште на самиот почеток на неговиот мандат да склучи договор токму со Бугарија, кој ја имаше неверојатната храброст и упорност да го реши триесетгодишниот спор со Грција и со тоа да не внесе во НАТО и да добие поддршка од ЕУ за започување на преговорите, за во тој процес предавнички да биде стопиран од Бугарија во последен момент, и сепак да премине преку тој тежок момент и со сите сили да се потруди да најде решение со цел да не ја изгубиме европската перспектива, сега некои имаат лице да го наречат „предавник“? Извинете, ама човекот кој го отвори патот да бидеме членка на НАТО и со тоа еднаш за секогаш да бидеме сигурни и безбедни во нашето тло, а нашата безбедност да ја гарантираат САД, Германија, Франција и сите други 29 НАТО членки, не може во ниту една комбинација да се нарече „предавник“.

Откако ќе се сложиме за горенаведените факти, ајде да размислиме разумно и со ладна глава за ова што се случува. Ајде да одговориме со здрав разум на неколку едноставни прашања без разлика колку се болни:

Да започнеме од апсурдоста. Дали се апсурдни барањата на Бугарија? Целосно се апсурдни. И не само тоа, туку се и скандалозни. Мислам дека тука сите се сложуваме како граѓани на ова земја, сите, без исклучок, и верувајте тука поддршката е целосна од сите етнички заедници. Сите се фрапирани од однесувањето на една членка на ЕУ кон својот сосед, буквално сите, во Северна Македонија, во ЕУ и во светот.

Откако поминавме преку првичниот шок време е да разбираме дека тие барања се сепак суровата реалност со која се соочуваме и ситуацијата нема да се реши сама по себе (веќе знаеме дека такви ситуации, како тоа со името, не се решаваат сами по себе туку со голем напор и со јасен фокус кон тоа што треба да се достигне). Е сега доаѓа второто прашање: дали Бугарија е во ЕУ? Последен пат што проверив одговорот е ДА. Бугарија е членка на ЕУ и како таква има право да стави вето кога се одлучува за започнување на преговорите со секоја нова држава аспирант да стане член на ова унија. Значи ова е факт. Причината може да биде апсурдна, но тие се ЕУ членка и тоа може да го направат. Трето прашање: дали Северна Македонија е членка на ЕУ? Не е. Дали сака да биде? Па, ние прогресивните граѓани секогаш кажуваме дека зачленувањето во ЕУ е единствената наша перспектива. Епа тогаш можеби е време да разбереме дека не сме во иста положба во целиот овој процес. Бугарија е внатре ние сме надвор, а сакаме да влеземе внатре. Истото беше и со Грција која беше внатре а ние надвор па го решивме проблемот и еве не сега тука, барајќи начин да решиме уште еден проблем.

Притоа навистина е жално да не можеме да започнеме преговори со ЕУ заради читањето на историјата. Секоја држава ја чита историјата на свој начин и ова е дел од правото на самоопределување на една нација. Меѓутоа нема никаква логика заради различните видувања околу Гоце Делчев или пак заради наративите од Втора светска војна ние да не успееме сега, во 21 век да одлучиме за нашата иднида. Нема логика да продолжиме да бидеме заробеници и заложници на историските интерпретации. Тоа нема да не направи поголеми македонци, албанци или бугари.

Некои го нарекоа интервјуто на премиерот скандалозно. Па овие се дефинитивно скандалозни времиња,времиња на скандалозни однесувања на ЕУ членки, каде некои пишуваат нови истории а други блокираат буџет на ЕУ, а богами се скандалозни времиња и преку океанот каде поранешен претседател не признава пораз и блокира трансфер на власт. Историјата ќе зборува за овие времиња, меѓутоа во Северна Македонија ова е времето кога се гради иднината за кои нашите деца допрва ќе учат историја.

Би било навистина голем пораз во име на разните интерпретации на анти-фашистичката борба во која ние сме биле на вистинската страна на историјата, сега да не најдеме сили да ја одбереме повторно вистинската страна, таа на западно-европските вредности, кои можеби не се тие што биле, но сепак се единствената надеж за перспектива во овој свет. Би било штета во име на анти-фашистичката борба да се даде можност некој нов фашизам да се развие во ова земја, после се што поминавме и преживеавме.Би било штета придржувајќи се на нашето минато да ја изгубиме европската иднина. Би било штета во име на зачувувањето на идентитетот истиот да го изгубиме со се демократските вредности кои едвај успеавме да ги вратиме после десет години мрак. Би било штета.

Нема да бидеме посилни ако останеме надвор од ЕУ заради овие причини. Нема да бидеме послаби ако наоѓаме решение и за апсурдните барања на Бугарија. Ова држава има јасно одредена историја и идентитет. Време е да преминеме преку стравот дека ќе не снема ако кажеме дека немаме територијални ниту малцински претензии кон Бугарија, или дека ќе го снема јазикот кој светот го познава и признава како македонски ако Бугарија одлучи за истиот да употреби друга референца.

Ова е слободна држава во која секој може да ги искаже своите ставови. За тоа се боревме во Шарената револуција, за да живееме и делуваме слободно. А кога ќе извикуваме „Предавник!“ за некого, и кога ќе го изедначиме тоа „предавство“ со груевизмот, добро е да видиме кој стои рамо до рамо со нас во таа борба. Имено, ако до нашето десно рамо стои поранешниот претседател од чии помилувања уште не може да се соземе нашиот правен систем и заради кои всушност започна нашата револуција, ако до нашето лево рамо стои левичарот кој досега има настапено со скандалозни национал-шовинистички тези, и ако тука некаде е и лидерот на нереформираната партија која функционираше како злосторничка организација и кој до сега не понуди никакво друго реалистично решение за ниту еден спор, тогаш навистина сме во некоја голема заблуда и тоа кажува многу повеќе за нас отколку за самиот „предавник“ кој наспроти нашата хистерија и драма сепак е одлучен да не однесе во ЕУ.

Да не заборавиме дека само оној кој излегол од рамката може да ја види целата слика.