Според анализите и проценките кои се прават и информациите кои ги добиваме Мијалков е се уште во државата, изјави на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој не гледа лична одговорност за бегството на обвинетиот Сашо Мијалков и за тоа ги посочи пропустите во системот, истовремено отфрлувајќи ги шпекулациите за било каков договор за бегството на Мијалков.
„За да се чувствува одговорност, значи дека треба да направите пропуст намерен или да не постапите во однос на овие насоки што се дадени. Според хронологијата на настаните, гледате дека МВР постапува веднаш од добивањето на информациите со сите расположливи средства. Ние мора да ја бараме одговорноста во непостоењето на целиот систем. Тоа го укажав и претходно, ако не се среди системот и имаме вака сериозни пропусти во постапката во делот на системот, тогаш секако ќе имаме и нови настани што ќе се случуваат. Ова треба да биде силен аларм до сите да се консолидира системот и да се поставува воедначено. Да се знае точно за какви предмети и по кои околности мора да се бараат мерките за притвор и токму на основа на тоа да се дадат предлозите од обвинителството и да се носат одлуките од судиите. “, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.
„Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации“, појасни министерот.
Тој рече дека Министерството за внатрешни работи ги извршува наредбите кои ги добива од Обвинителството или од Судот и не може ниту да носи одлуки, ниту да постапуваме без Обвинителство и Судот.
„МВР ги извршува наредбите од страна на јавното обвинителство или судските одлуки, ние не можеме ниту да носиме одлуки ниту да постапуваме без судот. Сега е моментот кога мора да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот и да го соочиме со лицето на правдата. Бегањето од таа одговорност, носењето на оставка нема да ги реши проблемите, па чија сака нека е. Сметам дека треба да има детална истрага за целиот случај, доколку има било кој, што допринел за оваа ситуација за бегство, не да носи морална, треба да носи кривична одговорност, без разлика дали е министер или некој во службите, Судот или Обвинителството“, изјави Спасовски.
Во однос на тоа дали се сомнева дека постои „крт“ во МВР, Спасовски рече дека се сомнева дека постои крт во било која од институциите кои долги години биле под режим.
„Тука не можеме да кажеме со сигурност дали кој тоа го прави. Тоа треба да го покаже истрагата, меѓутоа има сомнежи дека е можно да има во сите институции, кои се надлежни и низ кои минуваат сите овие одлуки, писма и т.н. да има можност на протекување на информациите“, изјави Спасовски.