Љубомир Костовски: Ако некој ја гледал дебатата во живо на ТВ 24 вести со Анета Додевска како водител, можел да увиди каде лежи зајакот во однос на тоа каде обединетите сили на Комората и државата, плус т.н. Конфедерација на синдикати како тројански коњ што Мицкоски го воведе на сцената на сила, одат кон – легализација на платите на црно.
Имено, претставникот на Конфедерацијата вели дека ако се зголемат најниската и другите плати, работниците ќе ги изгубат платите што ги добиваат на црно. Демек, работодавачите ќе престанат да ги плаќаат тие надомести за трудот за да се овозможи статистичкото покачување на платите, бидејќи, сите параметри во оваа сфера се базираат само на легалните доходи.
Да, точно е дека такви плати има во речиси сите сектори. Но тоа значи дека Конфедерацијата – така излегува – ги штити оние кои исплаќаат плати на тој начин.
Коморџиите, односно работодавачите, во исто време велат – ќе ги зголемиме платите, ама државата да не пресметува даноци на тие суми! А што значи тоа? Пак е тоа еден вид на легализација на платите на црно, тие од статистичката невидливост сега ќе станат само јавна вредност, односно нема да постои над главата на газдите мечот на казните заради избегнување на придонесите!
Една епизода – претставникот на газдите, директорот на „Мода“ од Свети Николе, вели дека во Црна Гора навистина има повисоки плати, ама таму придонесите не се 50 отсто туку 12 отсто (ако добро чув). Демек она што фали за покривање на обврските кон државата си ги покрива – самата држава.
На ова водителката му рече – зошто вие тоа не сте го побарале од државата, туку удирате врз цената на трудот? Немаше јасен одговор, секако – не се нарушува Антантата меѓу Комората и работодавачите така лесно. Убаво си живеат и едните и другите – богатството на менаџерите и сопствениците се зголемува енормно, а платите на политичарите исто така растат без усул по неколку пати годишно.
Следат ли тие некаков пораст на џи-ди-пито? Ја мерат ли општата продуктивност? Или – дали се усогласуваат со успехот на нивната работа која не води неминовно до просјачки стап и презадолженост!?
Извор: ЦивилМедиа.мк



