Техничкиот премиер, Емил Димитриев е убеден дека биле исполнети сите услови за одржување на изборите на 5.јуни и Владата со која тој управува направила се што е во нејзина моќ за да се постигне тоа.
Ова го посочи во одговор на новинарско прашање при посетата на касарната Илинден во Скопје, каде положи цвеќе кај Вејце.
Според него, Државната изборна комисија сработила се што и било задача при прочистување на Избирачкиот список и во делот на носење на Роковникот кој понатака ќе ги определува активностите врзани за изборите.
– Апсолутно сум убеден дека се исполнети сите услови за одржување на изборите на 5 јуни, потенцираше Димитриев, кој дополни дека изборите биле неопходни за решавање на кризата.
Димитриев напомена и дека веќе се чувствувала одредена колебливост кај министрите дали може во овој период да се носат одредени одлуки.
– Згора на тоа во период кога се распишани изборите имаме и одредени ограничувања и од Комисијата за антикорупција, така што во функција на изборите, во функција на просперитетот на Република Македонија и на секој еден граѓанин на нашата држава е одржување на изборите на 5 јуни, формирање стабилна влада и понатака преземање на сите обврски коишто една влада треба да ги има пред себе, изјави тој.
За потсетување, неодамна ИФЕС преку својот експерт Џон Арон рече дека работата на ДИК околу веродостоен Избирачки список, не може да биде завршена на време за изборите да се одржат на 5.јуни.