Косовската полиција спречила шверц на повеќе од 60 грла овци и телиња за кои имала сознанија дека се внесени преку илегални патишта од Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во два одвоени случаја во Општина Витина, според соопштението на косовското МВР, биле откриени камиони со косовски регистарски таблички и управувани од косовски државјани кои ја превезувале стоката за која не поседувале соодветна документација.
Во приколка на камион кој бил запрен во селото Рамијан се пронајдени 57 грла овци, додека во приколка на камион кој бил пресретнат на регионалниот пат меѓу Витина и месноста Пожоран имало шест телиња.
„Има сомневања дека животните се внесени во Република Косово преку илегални патишта од Република Северна Македонија. За случаите се води истрага од пограничната полиција, во соработка со соодветното обвинителство, инспекторите на Агенцијата за ветеринарство и храна и Царините на Косово“, се вели во соопштението.