Шесте земји основачи на Европската заедница (која во 1992 година стана Европска унија) – Белгија, Холандија, Луксембург, Италија, Франција и Германија – добија покана од италијанскиот министер за надворешни работи Паоло Џентилини да дојдат на вечера во Рим на која ќе се разговара за нов европски проект кој треба на ЕУ и да ги врати сјајот и здивот кои што оваа институција рапидно ги губи, јавува белгиската агенција Белга.
Но освен што точно ја постави дијагнозата на многуте проблеми со кои ЕУ се соочува – како економската криза, грчката криза, бегалците, можното излегување на Велика Британија од ЕУ -, италијанската влада има и предлог кој ќе им го образложи на петмината партнери.
Италија смета дека идејата за Европа со две брзини не смее да биде табу. Што значи дека земјите членки кои посакуваат поголема интеграција тоа можат да го направат а оние кои тоа не го посакуваат да останат на сегашното ниво на европска интеграција.
Целта на средбата е “да се отпочне со заедничко размислување за начинот на кој може да се зајакне ЕУ тргнувајќи од главните предизвици со кои Европа мора да се соочи”, пишува во соопштението на италијанското министерство. И додава дека министрите ќе разговараат за “иднината на ЕУ и перспективите за повторно лансирање на процесот на интергација”.
Италијанскиот премиер Матео Ренци во последно време во повеќе наврати повторува дека ЕУ, каква што е денес, повеќе не функционира и доколку не најде сили да се смени и зајакне, таа едноставно ќе исчезне. Неа ќе ја уништат пред се популистите чии што редови станувааат се побројни и тоа се случува насекаде во Европа.
Денешната ЕУ повеќе не обединува, го губи својот сјај и поддршката кај населението.
“Време е да се отвори дебата за начинот на функционирање на денешната ЕУ и што да се направи за да може таа подобро да функционира”, изјави Сандро Гоџи, мнистерот за европски работи на Италија, за агенцијата АФП.
ЕУ догодина ќе прослави 60 години постоење од денот на потпишувањето на Римскиот договор кој го стави темелот на тогашната Европска заеднива која со Договорот од Мастрихт прерасна во Европска унија.

25 март 1957 година, потпишување на Договор од Рим, основач на ЕУ
За Рим ова е значаен датум и неговото одбележување треба да се подготви. Оттука потребата да се отвори дијалог, да се постават основните прашања околу тоа кои се предизвиците со кои ЕУ се соочува и кои се целите што сака да ги постигне.
Според Гоџи, треба исто така да се постави уште едно битно прашање а тоа е – кој сака и е подготвен да продолжи по овој пат.
Сепак, Гоџи не е голем оптимист и смета дека денешната ЕУ нема капацитет да се реформира. Тој вели дека денес нема политички услови за промена, но потребно е да се почне со процес кој има моќ да донесе обнова на европската идеја.
Според Гоџи, Европа со две брзини не смее да биде табу.
– Поинтегрирана Европа ќе биде Европа на разлики. Илузорно е да се мисли дека 28 земји членки можат заедно да чекорат со иста брзина и сите да го прават истото во исто време, им изјавил Гоџи на новинарите во Рим.
Тој додава дека ова не значи исклучување на било која земја но “не можеме повеќе да дозволиме една или друга земја да става вето на проектот за продлабочување на европската интеграција”.
Популистите во Европа можат да спречат понатамошна интеграција и оттука теренот не смее да им се остави само во нивни раце, вели Гоџи. “Европа е некомплетна и многу комплицирана” и врз тоа, според Рим, треба да се работи.
Оттука идејата за враќање на изворите на европската идеја поаѓајќи од шесте земји основачи без чија поддршка идејата губи смисол а пред се поддршката на Германија.
Според Белга, италијанскиот парламент има намера да се вклучи во оваа дебата. Оваа институција најави национална консултација која ќе се одвива на интернет во која граѓаните на Италија ќе можат да го кажат својот став за оваа идеја.

