Самостојниот синдикат на новинари и медиуски работници констатира дека со вчерашното усвојување на амандманот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за проширување на ингеренциите на Агенцијата за медиуми за набљудување на работата и на печатените и интернет медиуми конечно е разоткриена вистинската намера на инсистирањето за носењето на медиумските закони.
Тие ниту се барање од Европската унија, како што впрочем и соопшти делегацијата на ЕК во Македонија, ниту се обид да се адресираат клучните прашања во медиумската сфера – рекламирањето како алатка за корупција и гушењето на слободата на изразувањето во редакциите, прашања кои воопшто ги нема во предложената легислатива, туку се проект за ставање под контрола и на печатените и интернет медиуми, како и дисциплинирање на електронските со казни, за да не мораат да се поткупуваат со реклами, стои во соопштението.
Се покажа дека сета фарса со јавни дебати и расправи, експертизи од ОБСЕ и Советот
на Европа беше со цел да се одглуми транспарентност и инклузивност на еден
малициозен процес за ставање под контрола или озаконување на веќе постојната
контрола врз јавниот збор и јавното мислење.