Велешката полиција има осомничен за убиството на 90 годишниот Јован Цилаков, кое се случи пред шест дена во дворот на гимназијата во Велес. Уапсен е 48 годишниот велешанец З.Д.
Според полицијата, приведениот го признал убиството и раскажал дека минатиот четврток, околу 17 часот, во моментот кога старецот му бил завртен со грб, го удрил со камен по глава, а откако паднал, со каменот му нанел уште неколку удари во главата. Од џебот му земал 200 денари и побегнал.
Осомничениот З.Д. нема полициско досие. За него се знае само дека е бездомник. Откако полицијата го приведе, надлежен судија му изрече 48 часовен притвор, а денеска против него ќе биде покрената кривична пријава.
Велешани се згрозени од бруталноста со која е убиен старец во поодминати години, среде бел ден, на едно од најфреквентните места во градот и тоа за 200 денари. Велат дека по ова убиство, повеќе не се чувствуваат безбедни.
Полицијата деновиве ги интензивираше патролите на критичните места во градот, кое се неосветлени и погодни акции на разбојниците.