Чалачев Асмамав Тируне од Етиопија и Кенијката Еуниче Нјавира Мучири се победници на 15. издание на „Визер Скопски маратон“ што се одржа денеска низ улиците на македонската престолнина.
За совладување на патеката од 42 километра, на Тируне му беа потребни 2:15:37 часа. Второто место во машка конкуренција го освои Кениецот Вилфред Кипчирчир со време од 2:16:54 часа, трет на целта пристигна сонародникот на Етиопјанецот Гетаје Фисеха Гелав (2:19:32 часа).
Трката во женска конкуренција мина во апсолутна доминација на натпреварувачките од Кенија кои прославија еден-два-три победа. Најбрза беше Мучири (2:33:38 часа) пред Еулитер Јепчирчир Тануи (2:35:32 часа) и Наоми Какоко Лимамуреи (2:38:32 часа).
„Визер Скопски маратон“ оваа година се одржа по јубилеен 15. пат под покровителство на Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Делегацијата на Европската унија во земјава. Атлетскиот настан обедини над 12.000 учесници од 58 држави што е нов рекорд на трката.