Руското Министерство за одбрана објави обновена листа со бројки на странски платеници кои моментно се борат на украинска страна против Русија и во неа стои дека на фронтовите во Украина од почетокот на руската инвазија заминале 150 албански државјани, јави дописничката на МИА од Тирана.
„Од почетокот на инвазијата во Украина, на 24 февруари оваа година, на фронтот заминале 150 лица од Албанија од кои загинале 51. Во билансот стои и дека 45 албански платеници досега ја напуштиле Украина, а 54 остануваат да војуваат“, јави „Ора њуз“.
Телевизијата пренесува бројки и за платеници од Косово, од каде на украинска страна заминале да се борат 156, загинале 69, фронтовите ги напуштиле 62, додека 25 останале да војуваат.
„Според руското министерство кое наведува дека ги следи и ги регистрира по име сите странски платеници кои пристигнале во Украина за да учествуваат во воените дејствија, до сега над 7.000 платеници од целиот свет се приклучиле кон украинските борци. Најбројни се оние од Полска или 1.800“, наведува телевизијата.