Македонската компанија „Stone Bridge Hotel“, сопственик на истоимениот хотел во центарот на Скопје, купи франшиза за изградба и оперирање со хотел од брендот DoubleTree by Hilton.
Хотелот се очекува да започне со работа на почетокот на 2016 година и со тоа да им се приклучи на уште неколку објекти кои се во фаза на изградба во Хрватска и Црна Гора.
Тој ќе биде сместен во скопски Аеродром на брегот на реката Вардар, ќе поседува 172 соби, вклучувајќи 20 апартмани. Покрај ова, ќе има и 1.400 метри квадратни простор за организирање на настани, поделен на два големи салони, како и дополнителни три конференциски сали. Треба да има паркинг со голем број места, бизнис центар, центар за здравје и спа-центар.
Покрај ова, хотелот ќе содржи ресторан, два бара и надворешна тераса. Дополнително, центарот за здравје и спа центарот ќе овозможат повеќе од 900 метри квадратни простор за вежбање, релаксација и опуштање со турски бањи, соби за третмани, фитнес сала и базен. Центарот за здравје и спа центарот истовремено ќе нудат членство и за локалните жители.
Од овој бренд DoubleTree by Hilton изградени се 325 хотели низ целиот свет. Од основниот бренд на хотели на „Хилтон“, пак, Hilton Hotels and Resorts, има 540 хотели во 78 земји на 6 континенти.
Глобалната хотелска групација „Hilton Worldwide“ има 10 хотелски брендови во 90 земји, 3.900 хотели и 650.000 соби. Најпознат и најлуксузен бренд на „Hilton Worldwide“ се хотелите Waldorf Astoria. (Фото: Double Tree by Hilton во Букурешт, Романија)