Заврши дводневната конференција за интегрирано образование во Македонија, организирана од Нансен дијалог центарот-Скопје и поддржана од експерти од Норвешка и Северна Ирска. За НОВА даде изјава Заменик Министерот за образование и наука, Сафет Незири.
Тој изјави дека децата не треба да бидат инволвирани во политички активности. Треба да се каже Стоп за злоупотреба на децата, злоупотреба на училиштата и стоп на злоупотребата на национализмот.
-Директорите и наставниците се тие кои треба да поведат одговорност за правилно воспитување на децата и да им се укаже за овие настани без разлика кој ги организира. Сепак морам да наведам дека ги осудувам сите оние кои ги злоупотребуваат децата без разлика од која етничка припадност се. Децата имаат изградено погрешни гледишта за децата од друга етничка припадност и недоволната едукација од наставниците доведува до вакви немили настани. Токму затоа и ја поддржувам интегрираната настава каде ќе се изгради соработка меѓу учениците и почитување на разликите, изјави Незири.
На конференцијата учествуваа наставници и професори од основни и средни училишта од Македонија кои се вклучени во проектот „Нансен модел за интегрирано образование“.
Целта на конференцијата беше да се зајакнат компетенциите на наставниците во областа на интегрираното образование, користејќи го долгогодишното искуство и знаење на меѓународните експерти
Тренинг-центарот е основан во партнерство со Министерството за образование и наука и е прв од овој вид во Македонија и во регионот.