Од државниот буџет ќе финансираат 200 мегавати фотоволтаични електрани.
Владината мерка денеска на прес-конференција ја презентираа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.
Анѓушев рече дека Република Северна Македонија досега, иако е одлична дестинација по однос на сончева радијација, има изградено само 18,4 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици, и затоа е многу важно да се отпочне со развивање на оваа дејност на максимално транспарентен начин, согласно однапред пропишани процедури кој и на кој начин може да гради.
„Идејата е да се изградат 200 мегавати поддржани од Владата, поддршката ќе биде согласно премиум тарифите, тоа значи дека сите инвеститори на фотоволтаични електрани својата електрична енергија ќе ја продаваат на слободниот пазар, а од државата ќе бидат потпомогнати со т.н премиум, што функционира во сите развиени земји во Западна Европа, и тој премиум на крајот на годината ќе биде плаќање, за да овие проекти бидат пофизибилни и поисплатливи за идните инвестирор“.
„ Тој што ќе побара помала субвенција, односно премиум од страна на државата, а притоа да ги исполнува техничките карактеристики и критериуми во тендерската постапка, ќе биде добитник на локацијата за која ќе се издава одобрение за градба за фотоволтаична електрана“ рече Анѓушев.
Анѓушев рече дека, имајќи предвид оти најголем проблем на сите инвеститори е како да дојдат до градежна дозвола, односно да ги решат бирократските постапки, од аспект на урбанизација, на трансформација на земјиште, како и приклучок на мрежа, државата ќе ја преземе грижата во овој дел на постапките.
„ Првиот модел на кој ќе се прават фотоволтаични електрани е на државно земјиште, за што ќе распишеме транспарентна аукција од 35 мегавати во прва фаза. За таа цел одбравме две локации, едната локација е во Свети Николе. На таа локација ќе имаме парцели на кои може да се изгради една десет мегаватна фотонапонска електрана, една петмегаватна, две четиримегаватни, и шест по еден мегават. Оваа поделба на локации е со цел да има за сите типови инвеститори. На тој начин овде ќе бидат изградени 25 мегавати. Втората локација што ја одреди државата е регионот на Македонски Брод, каде парцелата ќе се подели на две локации од по пет мегавати“ рече Анѓушев.

