Рочиштето започна со доцнење, но веднаш донесе тензии и целосно негирање на вината од страна на сите 35 обвинети. Ниту еден од нив не призна вина.
Најдраматичниот момент се случи кога за збор се јави првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко. Тој низ солзи пред судијката и семејствата рече дека девет месеци е затворен во четири ѕида и секој ден ја преживува кобната ноќ.
Јованов се обиде да се поистовети со болката на родителите, велејќи: „И ние во нашата фамилија имаме починато и повредено лице, ја носиме истата болка“. Сепак, ова предизвика револт кај родителите во публиката кои му дофрлија: „Ништо ти не знаеш!“.
Не можам да поверувам што се случи. Јас како човек и родител каде што се собираа сите млади и моите деца зар би бил способен да дозволам да фали нешто. Зарем сериозни мислите дека ако сум знаел дека фали нешто, не би презел се, за да се отклони навреме, вели Дејан Јованов.
Сликите во судницата беа потресни – еден од преживеаните се појави со преврзана глава, сѐ уште лекувајќи ги раните, додека се соочуваше очи в очи со обвинетите.
Во однос на правната стратегија, одбраната на Дејан Јованов направи голем пресврт. Неговата адвокатка директно ја посочи музичката група „ДНК“ како виновник за пожарот.
Тезата на одбраната е дека Дејан не знаел за пиротехниката. Адвокатката рече: „Сите ги сакавме ДНК, но нивната употреба на пиротехника беше спротивна на законот“. Тие тврдат дека кога претходно се користела пиротехника, Дејан секогаш ангажирал професионалец, но овој пат тоа било направено без негово знаење. Одбраната бара тој да одговара само за небрежност, бидејќи 13 години институциите му издавале лиценци и никој не му кажал дека објектот е небезбеден.
За неговиот син, Михаил Јованов, кој исто така е обвинет, беше кажано дека е во тешка психичка состојба, со суицидни мисли, бидејќи во пожарот ги загубил својата девојка и најдобриот другар.
За да ја добиеме правдата во овој случај за жал со едно вакво штуро обвинение не сме на тој пат. Обвинителниот акт се е само патоказ кон правда не е. Со еден вака контраверзено срочен диспозитив и апсолутно неоснована правна квалификација на кривичните дела кои им се ставаат на товар на тука обвинетите, меѓу кои и на Дејан, можеме само да броиме години во недогледност за завршница и тоа не само што ќе задрира во слободата и правата на тука обвинетите туку ќе го разбуди гневот кај оштетените, да не се лажеме, вели Ивана Коцевска.
Судењето не помина и без скандал. Уште на самиот старт, судијката Дијана Груевска Илиевска откри дека при претрес во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери, службеник од Министерство за економија, биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп.
Камбери пред судот даде бизарно оправдување: „Ги најдов таму кога влегов“, на што судијката остро му возврати дека му следи самица. Камбери, инаку, се товари дека земал мито за да издаде фалсификувана лиценца за дискотеката.
Вина негираше и инженерката Милка Едровска, обвинета дека го направила лажниот проект за дискотеката. Нејзината одбрана тврди дека таа била ангажирана само за паркинг, а внатрешноста ја дизајнирал архитектот Виктор Апостолов, кој воопшто не е обвинет. Едровска директно му се обрати на Деко во судницата: „Биди искрен и кажи дали сум ти правела проект за внатрешноста!“
Адвокатот Благој Јованов упати остра критика кон правосудниот систем:
На сите рацете ни се крвави затоа што молчевме, обвинувајќи го обвинителството дека ако си ја вршело работата во 2012 година, „Пулс“ немало ни да постои.




