Сведокот Лилјана Котиќ, која работела како советник во Управата служба за надворешни работи при ПС Ресен, на денешното рочиште за случајот „Титаник“, рече дека во октомври 2012 година, неколку месеци пред локалните избори, почнале да работат, така што го прекршувале Законот за пријава на престојувалиште и Законот за лични карти. За сето ова, како што рече, добивале наредби „од горе“.
– Во канцеларијата во Ресен почнаа да доаѓаат поголеми групи луѓе од областа Мала Преспа. Од „горе“ телефонски дојде наредба дека ќе дојдат поголема група луѓе со барања за лични карти и сите тие да бидат примени и сликани за лични карти без да се спроведе постапката за живеалиште. Јас реагирав, меѓутоа началничката повторно наредуваше дека оваа работа мора да се заврши на овој начин, инаку ќе не отепаат од горе, рече сведокот Котиќ.
Сите беа, рече сведокот, запознаени дека треба да постапуваат по насоките од началничката Надица Велевска.
– Од раководителот за управни работи Битола, побарав совет како да се справам со оваа работа, но ми рекоа, да ги следам наредбите на Надица, изјави сведокот Котиќ.
До крајот на март пред да замине во пензија, Котиќ рече дека решиле 350 барања, од кои 50 во нејзиното одделение.
На прашање од обвинетиот Илија Димовски, дали лицата за кои зборува имале државјанство, Котиќ одговори потврдно, но посочи дека за да добијат лична карта, мора да имаат адреса на живеење во нашата држава.
„Титаник“: Во мобилни станици за болни и инвалиди се сликале лицата од Албанија
На денешното рочиште беше сослушан командирот на Полициската станица Ресен во 2012 година, кој сведочеше како полицијата ги вршела проверките на адресите за живеење наведени во барањата за издавање лични карти.
Милорад Ѓорѓиевски посочи дека од средината на октомври 2012 година до средината на март 2013 користел еден месец одмор и три месеци неплатено отсуство и дека проверки на терен во врска со утврдување дали лицата пријавиле точна адреса на живеење согласно барањата за лична картаги правеле двајца полициски службеници.
На прашање од обвинетиот Илија Димовски, тој негираше дека имал притисок од некого за одговорите по предметите за проверка на живеалиште.
Сепак призна дека по пријава на началник ги известил надредените дека имале зголемен број барања за издавање лични карти.
– Во средината на октомври имаше полициско јавување од началникот на централни полициски служби за тоа дали како Полициска станица имаме проблем со зголемениот број барања за лични карти во периодот, на што реагирав дека често знаат да направат гужви. Кога кажав дека сме прилично спори со проверката на адресата на живеење и дека повеќето се негативни, ми беше речено „видете, надминетете ја таа ситуација”.
Откако побарал писмено образложение за тоа, како што рече Ѓорѓиевски, му било речено да побара информации од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ за Ресен.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова.