Пишува : Нано РУЖИН
Дали светот е на работ на отворен воен судир помеѓу Русија и Украина, во кој би се вмешале и САД? – Овие гласини се шират низ разни светски медиуми кои никогаш не доцнат зад сензационализмот. Таквите вести се шепотат и во Белата Куќа. Но, тоа е веќе традиционална форма на функционирање на големите сили: итно да се реагира на секоја црвена крпа во зависност од имагинацијата на нејзините автори или да се оспори американската супериорност од страна на Кремљ.
Уште од Студената војна, Американците предупредуваа на можната инвазија на Европа од страна на СССР, а во пост-студениот период по атентатите од 2001 и на оружјето за масовна деструкција на Садам Хусеин, на опасниот ирански нуклеарен капацитет и на останати хипотетички закани.
Да се позабавиме најнапред со украинското сценарио кое е исполнето со противречни дијагнози и изјави. Претседателот Бајден на 19 јануари се закани дека „доколку руските воени сили ја минат границата со Украина, тоа ќе значи нова инвазија која ќе повлече брз и сериозен одоговор на САД и сојузниците..“. Истиот ден шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен од Киев, преку спротивна реторика се заложи за „пацифистички излез од кризата“. На кого да му верува јавното мислење во Европа, САД и пошироко ?
Руските експерти, како и дел од западните аналитичари, сметаат дека таквите опсервации на американската администрација можеби произлегуваат од нејзиното самоидентификување како „светски жандарм“. „Можеби тие се најдобро пласирани за да ги елаборираат разните „инвазии“ врз една или друга држава, со оглед дека во своите поблиски ловишта како Латинска Америка или оние поодалечените како Кореја, Виетнам, Блискиот и Средниот Исток“, под изговор на „оски на злото“ преземаа директни или индиректни интервенции“, заклучува Никол Готиер од порталот „Волтер“. Згора, руските историчари порачуваат дека Украина е поврзана со Русија, бидејки таа е лулката на нејзината цивилизација.
Руските стратези не попуштаат ниту во однос на Крим (на татарски-„нашиот рид“) кој ѝ припаѓал на Русија со векови како дел од нејзината митологија поврзана со името на императорката Катарина Велика, пишува Тамара Алтереско, дописник на Радио Канада од Москва. „Ниту Договорот од Париз од 1856 година кога заврши војната за Крим, ниту со административното прилепување на Крим за Украина во 1954 година, во рамките на СССР, не ја оспорил руската припадност на Крим“. И низ ова досие се провлекува дилемата за Русија како најголемата геополитичка закана за Запaдот? – Дали да се очекува воен судир врз европското тло?
По анексијата на Крим во 2014 година кога прв пат почна да се размислува во старите студено-воени термини и особено по конфликтот во Донбас (источна Украина) се разбудија силните тензии меѓу Западот и Русија. САД и ЕУ ја опоменаа Русија дека концентрира воени сили за да го заземе и анектира Донбас . Воедно, Русија ги зајакна воените капацитети на армијата во овој дел за да се здобие војна надмоќност на море и во воздух особено преку суперсоничните ракети „Циркон“, истакнуваат западните аналитичари.
Во западните геополитички кругови и натаму е присутна хипотезата за можната агресија на Украина од страна на Русија. Анализата поаѓа од улогата на руските војни формации во Африка каде руската милиција Вагнер почна сомнителна игра со двојната нечесна позиција на владата во Мали. Путин и Шојгу не се аматери. Да не се лажеме, Путин е новиот руски цар и настојува да ја покаже моќта и да ги изрази чуствата на многу Руси кои носталгично се сеќаваат на големината на руската империја во времето на СССР. Меѓутоа дел од Балканските народи кои се идентификуваа со ореолот на Путин не би требало да се наивни да го љубат рускиот владетел и да ги слават сите негови потфати. Русија дејствува, но нејзината позиција не може да се смета за една неизбежна фаталност. Русија е дел од европската стратешка рамнотежа и тоа е константа. Путин не поседува монопол врз вистината, но и тој не е без аргументи кон политиката на САД и ЕУ.
Дали е ова одговор за Хомо Геополитикус? – Според мислењето на Бруно Древски, аналитичар при францускиот институт за источни цивилизации, „ Путин дирекно се обраќа кон САД, сметајки дека НАТО-Алијансата е само инструмент во рацете на Вашингтон…што може да звучи навредливо за Европејците. Патем Путин се закани дека и Русија би можела да ги пласира своите воени сили на Куба..за да ги потсети Американците, дека и тие можат да им дишат во врат на американските граници, исто како што САД и НАТО сакаат да ѝ дишат на Русија..“
Но, дали навистина Русија концентрирала 100.000 војници на границите со Украина? – Досега таквите констатции се само условени. Американските експерти дигаат узбуна за иманентната опасност од инвазија на Украина од страна на Русија. Меѓутоа никој од сериозните медиуми кои ја истакнуваат бројката од 100.000 руски војници на границата со Украина, не посочуваат релевантни извори. Европските медиуми се повикуваат на извори во стилот „ доколку им се верува на САД…“ истакнуваат париски „Фигаро“ и лондoнскитe „Tајмс“ или „Дејли телеграф“. Факт е дека некои од медиумите во Европа констатираат дека „се забележани невообичаени движења на руските сили“, но и во таквите случаи („Ел Паис“, „Ле монд“…), авторите се повикуваат на истите извори, а тоа се американските функционери или „Вашингтон пост“ кој е близок до администрацијата на Бајден. Од своја страна Пентагон опоменува: „секоја ескалација или агресивна мерка ќе биде извор на сериозни грижи на САД“. Истата логика дисциплинирано ја проследуваат и европските лидери на чело со Германија и Франција. Во овој теснец, Украина се сведува на нем набљудувач со противречни и некоординирани позиции. Додека министерот за одбрана смета дека „не е констатирано никакво движење на руските единици, воени и оружани сили кон границата со Украина, неговиот колега министерот за надворешни работи на Украина за време на посетата на САД изјавува дека „агресивноста на Русија во последните недели е значително зголемена. Тој додава дека од Американците добил „нови елементи“, но дека не смее повеќе да каже заради класификуваната информација. Меѓутоа и по таквите изјави, министерот за одбрана останал на претходното тврдење.
Вон овие патетички дезинформации, останува евидентен замрзнатиот конфликт кој веќе седум години носи спорадични жртви на двете страни. Минск не се откажува од идејата да ги поврати териториите од источниот дел населени со русофилска популација, додека Русија, третирајки го за неуставен „проамериканскиот преврат“ од 2013/2014, не ги напушта украинските русофонски сепаратисти.
Реалната состојба на терен е дека од руските војници се стационирани во постојните воени бази кои се воспоставени уште од времето на независноста на Украина. Во тој геополитички простор воените маневри на руските воени сили се регуларни, периодични и создаваат импресија кај САД и сојузниците дека се од офанзивен карактер. Таквиот треман некоја мера тоа ѝ одговара на Москва, бидејки добива епитет на супер-сила која ја повратила репутацијата од времето на Студената војна. Сепак тоа не значи дека Русија подготвува војна офанзива која може да доведе до ескалација од огромни размери.
Американците, исто така, се на иста линија, согласно старата наследена култура од времето на Студената војна. Ако е потребно ќе се манипулира и со дезинформации само за да се прикаже силната руска закана како реална. За Американците и Русите, контролата на кризата и продажбата на софистицирано оружје се најисплатливата форма на геополитички и геостратешки монопол. Тука се измешани алатките на soft-power/smart power и hard-power, кои им носат само профит на двете супер-сили. Американците настојуваат да ги одржат или зголемат меѓународните санкции против Русија и воопшто не помислуваат на нивно олабавување, со цел да ја зголемат геополитичката контролата врз Украина. Во овој шаховски гамбит, каде секој актер игра сопствена ролја, Европа е целосно оставена по страна и „не служи за ништо“ според Мари ле Пен. Односите на Западот со Русија се под тензија, а Владимир Путин беше опишан како « killer » ( убиец) од претседателот Џо Бајден по обидот за атентат врз Алексеј Навални од страна на руските тајни служби. Воедно и аферата Сергеј Скрипал во Лондон како и убиствата на руските чеченски емигранти во Берлин за кои беа осомничени руските тајни служби придонесоа кон лошиот имиџ на рускиот цар. Но, и Русија има свои геополитички адути. За време на обединување на Германија во 1990 година, прашањето на НАТО беше во центарот на преговорите со СССР. Запад го убеди Горбачов дека „доколку Германија се обедини, НАТО нема да се проширува кон Истокот. Во Париз на 27 мај беше потпишан Основачкиот акт за односите, соработката и взаемната сигурност меѓу НАТО и Руската Федерација. Русија залудно се повикуваше во почитувањето на овој договор во следните циклуси на проширување на НАТО.
Во 2009 година, Естонија, Летонија и Литванија, Бугарија, Словачка и Словенија станаа членки на Алијансата. Во исто време Грузија и Украина ја манифестираа заинтересираноста за членство во НАТО. За Русија тоа беше сериозен „ casus belli“, така што со спротивставувањето на Франција и Германија во Стразбур, беше избегнат таквиот потег. Путин смета дека перманентното проширување на НАТО кон Истокот, кон Русите и останатите народи од регионот и создава чувство за заробување и контрола од страна на Западот. На тој начин САД гради позиција на неприкосновен светски господар, истакнува Владимир Путин. Но, дали Русија е најголемиот безбедносен предизвик и закана за САД? – Во САД, ставовитe од времето на Студената војна еволуираа.
Според мислењето на поранешниот државен секретар за надворешни работи во администрацијата на Ричард Никсон, Хенри Кисинџер, „Кина е најголемиот проблем за САД и за целиот свет“. Иако ризиците за нуклеарен конфликт беа значајни за време на Студената војна, прогресот на технологиите во доменот на нуклеарното наоружување и, пред сè, вештачката интелигенција, прерасна во водечки домени во кои Кина и САД се, речиси, изедначени со што се умножија апокалиптичните закани за светот. Советскиот Сојуз не беше економска сила, а нејзините технолошки капацитети беа единствено воени. Наспроти тоа денес Кина поседува огромна економска и воена моќ. На сличен начин размислува и Директорот на FBI, Кристофер Вреј, кој за време на предавањето на Хадсон Институтиот од Вашингтон минатата година изјавил дека „Кина е најголемата закана за иднината на САД“.
Авторот е универзитетски професор