Светскиот ден на грижа за ментално здравје, 10 октомври, потсетувa на важноста на менталното здравје за целата популација.
„Во услови на Ковид-19 важно е да се обрне внимание на влијанието на кризата врз менталното здравје на групите под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението“, велат од Министерството за здравство.
„Грижата за нашето ментално здравје е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје.
Во поддршка на овој важен сегмент на колективното здравје, Клиниката за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот и токму во насока на унапредување на менталното здравје. Клиниката има отворено повеќе телефонски линии за различни целни групи и почнувајќи од март оваа година досега се реализирани над 4500 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со Ковид 19.
Од Клиниката за психијатрија информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија, а координатор за нашата држава е токму Универзитетската клиника за психијатрија. Оваа студија се спроведува со цел да се изврши процена на влијанието на пандемијата Ковид-19, како и воведените рестриктивни мерки врз менталното здравје кај нашето население како основа за развој на соодветни здравствени интервенции.
„Во изминатиот период покажавме вистинска грижа и беа реализирани бројни активности за унапредување на условите за третман за пациентите во установите кои ја третираат оваа категорија пациенти. Универзитетската клиника за психијатрија е учесник во два интернационални проекти за ментално здравје во заедницата во рамки на програмата Horison 2020 на Европската Комисија – ИМПУЛС кој е раководен од Queen Mary University од Лондон и RECOVERY кој е раководен од Trimbos Institute од Утрехт. Во овој период на пандемија со Ковид, имаме опсежна и успешна соработка со УНИЦЕФ, како и координираност со СЗО.“, велат од Клиниката за психијатрија.
Токму на овој ден уште еднаш потсетуваме за важноста од грижата на нашето ментално здравје, посебно во време на светска пандемија со Ковид-19 и апелираме граѓаните да побараат стручна помош, психијатар или психолог доколку стресот е присутен во текот на дневните активности подолг период и не успеат да најдат начин како да се справат со него, апелираат од Министерството за здравство.