Демонстрантите во Бангкок, главниот град на Тајланд, упаднале во Генералштабот и покрај вчерашниот глас на доверба кој премиерката Шинаватра го доби во Парламентот.
Демонстрантите веќе шест дена бараат оставка од Премиерката со образложение дека нејзиниот брат, и поранешен премиер Таксин Шинавтра ја води политиката во земјата.
Симболично, подавајќи ружи кон војниците, демонстрантите сакаат да видат на чија страна е војската, пренесува Ројтерс. Некои од демонстрантите се собрале и пред седиштето на партијата на власт.
Премиерката во четвртокот побара од демонстрантите да ги прекинат протестите бидејќи пратениците и изгласаа доверба, а веќе доволно се запознала со политичките ставови на демонстрантите. Лидерот на опозицијата Сутеп Таугсубан ги отфрли барањата и потенцираше дека опозицијата „повеќе нема да дозволи“ опстанок на Владата.
Изминатата недела, демонстрантите окупираа неколку министерства во главниот град на Тајланд. Во меѓувреме, зголемена е безбедноста околу седиштето на владејачката партија.