Државата вети расчистување со криминалот и корупцијата во врска со издавањето лиценци за отворање вакви објекти за забава. Надолго и нашироко се зборуваше за неисполнувањето на безбедносните стандарди, задолжителниот број влезови и излези, висината и ширината објектите, поседувањето на противпожарните апарати, како и за ригорозната контрола на малолетниците кои може да учествуваат на ваквите забави. Но, по сè изгледа, дел од угостителите како само да се притаија и чекаа целата драма да падне во заборав и тие да си продолжат по свое.
Соња Кириџиевска
Малку е да се каже дека на дел од угостителите не им доаѓа памет, дека си ја предизвикуваат не само својата, ами и среќата на своите гости. Дали најновиот настан во Кавадарци е само уште еден пример на јавашлак за работата на некои газди, но и на некои инспектори, за кои со години се зборува и се молчи
Ја губат ли силата концентричните кругови на ехото од трагедијата во кочанската дискотека? По девет месеци, откако конечно почна судењето на деценијата за стравотниот настан што однесе 63 жртви, остави многу инвалиди и ја зацементира иднината на овој мал град на истокот од земјата, викендов бевме сведоци на уште преполн угостителски објект, кој угостил петпати повеќе посетители отколку што му бил капацитетот. Интересот бил за гостувањето на една позната српска фолк-ѕвезда, но кафулето немало дозвола да организира ваков настан, не биле издадени фискални сметки, внатре се пушело (засега според извештаите само цигари)…
Малку е да се каже дека на дел од угостителите не им доаѓа памет, дека си ја предизвикуваат не само својата, ами и среќата на нивните гости. Можеби немало пиротехника, но преполнетите објекти се секогаш потенцијално место за некој немил настан. Инспекторите, за среќа, брзо реагирале, настапот бил прекинат, пејачот однесен во полициска станица, но останува горчливиот вкус за непослушноста, дрскоста и безобразлукот на организаторите и на сопствениците на локалот.
Дали е ова уште еден пример на јавашлак за работата на некои газди, но и на инспектори во помалите средини, за кој со години се зборува и молчи? Таму ваквите дреболии – како што е несоодветен објект, преполн локал, непочитување на законските прописи за пуштање малолетни лица, за пушење во затворени простории, за служење алкохол на деца, се средувале според принципот „терај работа, никој ништо не ни може“.
Пролетоска, властите најавија бескомпромисна борба со корупцијата и сериозни измени на Законот за угостителска дејност, кој ќе пропишува и кривична одговорност за угостителите. Сега е јасно дека тоа беше предизвикано од револтот на граѓаните и во еуфоријата по ужасниот пожар во Кочани. Оттогаш минаа девет месеци. Министерството за економија и труд го подготви текстот, но наводно поради изборите, измените не се донесени. Во меѓувреме, иако не се издаваат нови лиценци, а проверените дискотеки на отворено и затворено не функционираат, злите јазици цело време зборуваат за некакви матурски забави по казина, отворени базени, ноќни забави со повеќе гости од дозволениот број…
По стравотниот пожар во Кочани, се откриваа и сè уште се откриваат деловите од мрежата што им овозможила на газдите од „Пулс“ да работат комотно со години и да добиваат информации за евентуалните контроли. Деновиве истрагата откри уште една спрега меѓу даночните инспектори од повеќе градови, што допрва ќе се истражува дали му дојавувале на газда Деко дека ќе биде посетен од нивните колеги.
Шпекулациите на некои портали говорат за наводни ветувања за подароци во замена за информации. Ќе биде уште потрагично ако се дознае дека нечиј живот вредел колку еден поскап часовник или очила, иако тоа експресно беше демантирано. Колку има вистина во овие неофицијални информации, ќе покаже истрагата, но стравотно е што се покривале ваквите нелегални активности. Она што засега јавноста го знае е дека дискотеката во Кочани добила лиценца во 2022 година и за неа се докажа дека била фалсификувана. Но, јасно е и дека ниту еден безбедносен параметар не бил испочитуван, почнувајќи од фактот дека во тој објект некогаш се продавале теписи?! Како станал објект во кој гостувале многу домашни и странски пејачки ѕвезди и секогаш бил полн како око на тие концерти, нерадо зборуваат и сега не сакаат да се сеќаваат ниту оние што ги организирале и го полнеле.
Државата вети расчистување со криминалот и корупцијата во врска со издавањето лиценци за отворање вакви објекти за забава. Надолго и нашироко се зборуваше за неисполнувањето на безбедносните стандарди, задолжителниот број влезови и излези, висината и ширината објектите, поседувањето на противпожарните апарати, како и за ригорозната контрола на малолетниците кои може да учествуваат на ваквите забави. Но, по сè изгледа, дел од угостителите како само да се притаија и чекаа целата драма да падне во заборав и тие да си продолжат по свое.
Само за потсетување, и пред трагичниот крај на забавата со пиротехника во „Пулс“, граѓаните со години и години поднесувале пријави за нелегални локали, кои биле рекламирани како кабареа, ноќни клубови или глумеле дискотеки, но нивните сопственици биле заштитени со помош на логистиката на инспекторите. Според актуелниот Закон за угостителство, пазарната инспекција може да го затвори објектот без лиценца на само 30 дена, или на уште еден месец ако во тој период не ја добие документацијата, но не и трајно.
Тука лежи цаката – газдите си ги плаќаат казните и си продолжуваат со работа. Докази за пријави за пазарните инспектори што биле пријавени дека им „прогледуваат“ низ прсти на некои угостители, има и во ДКСК, и за тоа „Слободен печат“ веќе пишуваше. Државата е на потег еднаш засекогаш да го симне сомнежот за непринципиелното работење на инспекциските служби, да нема селективност во дејноста и кој сака да нуди забава, тоа да го прави според сите законски параметри. Човечкиот живот веќе никогаш не смее да биде трампан за парче накит или за некој билет повеќе.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк

