Утревечер во MKЦ, ќе биде промовиран романот „Кругови “ од Тина Иванова, во издание на „Или-Или“. Промотор на книгата ќе биде Александар Прокопиев, а настанот ќе биде надополнет со звуците од ди-џеј сетот на Александар Сандревски Марсо од Канал 103).
„Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневието скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот“, пишува Прокопиев.
Се работи за четиринаесеттата книга од домашен автор во едицијата „ПРОаЗА“, со што издавачката куќа „Или-Или“ продолжува со поддршката на новата генерација на домашни автори кои наоѓаат закрила токму во популарната прозна едиција на оваа скопска издавачка куќа.
Тина Иванова од основањето до денес, работи како новинарка и музичка критичарка во дневниот весник „Утрински весникж Авторка е на книгата „Документ 103“, за која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Новелата „Кругови“ е нејзина прва литературна објава.