Вашингтон: Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека следната недела во САД најверојатно ќе поднесе тужба против Би-би-си и ќе бара отштета од една до пет милијарди долари поради монтажа на неговиот говор од 6 јануари 2021 година, денот кога неговите поддржувачи го упаднаа во Капитол.
Ќе ги тужиме најверојатно следната недела за отштета од една до пет милијарди долари. Мислам дека треба, во смисла дека дури и признаа дека тоа е измама. Ги извртеа моите зборови, посочи синоќа Трамп.
Трамп наведе и дека за време на викендот планира да разговара со британскиот премиер Кир Стармер. Според американскиот претседател Стармер се обидел да го контактира и оти е „многу засрамен“ од инцидентот.
Адвокатите на Трамп првично ѝ дадоа на Би-би-си рок до вчера да го повлече својот документарец или да се соочи со тужба од „не помалку од“ една милијарда долари. Тие исто така побараа Би-би-си да се извини и да му надоместат на Трамп за „значително нарушување на репутацијата и претрпената финансиска штета“.
Британскиот јавен сервис призна дека монтажата на говорот на Трамп било „погрешна процена“ и пред два дена испрати лично извинување до американскиот претседател. Но, Би-би-си тврди дека Трамп нема основа за тужба.
Документарецот на Би-би-си вклучува три извадоци од говорот на Трамп, изменети за да изгледа дека тој го поттикнал нападот врз Капитол. Неговите адвокати наведоа дека документарниот филм е „манипулативен и клеветнички“.

