Македонската фудбалска репрезентација со три бода го зачини јубилејниот 100. меч на Горан Пандев. На арената “Филип Втори” е совладана Летонија со 3:1 на стартот од квалификациите за Европското првенство во 2020 година.
Победникот беше решен во првата третина од натпреварот. Во 11. минута погоди Езџан Алиоски по асистенција на славеникот Пандев, во 30. минута Елмас зголеми на 2:0. Летонците успеаја до крајот да постигнат гол преку Исајевс во 87. минута меѓутоа предноста од два гола на “црвено-жолтите” ја врати Елмас во судиското продолжение.
Македонија во меѓувреме имаше неколку одлични прилики и преку Ферхан Хасани во првото полувреме, се закани и Пандев во вториот дел и во целост ја оправда улогата на фаворит.
Фудбалската репрезентација веќе утре ќе отпатува за Љубљана и во недела од 20.45 часот на стадионот “Стожице” ќе гостува на селекцијата на Словенија.
Во останатите два меча во групата Г, Словенците ремизираа на гости кај Израел, а Полска ја совлада Австрија во Виена со 1:0.