Турските власти од синоќа го блокираа пристапот до Фејсбук и Твитер откако на социјалните мрежи се раширија фотографии со автомобил-бомбата со која беа убиени 37 луѓе, а над 120 се повредени во Анкара, објавија локалните медиуми.
Телекомуникациското тело на Турција, ТИБ, го блокира пристапот до социјалните медиуми откако беше воведена судска забрана. Судот оваа одлука ја донел бидејќи на овие платформи биле споделувани фотографии на кои се прикажани жртвите на трагедијата.
На електронските медиуми, исто така, наводно им е забрането да покриваат одредени аспекти на нападот. Еден новинар од „Денешен Заман“, сестринска публикација на весникот „Заман“, кој неодамна беше преземен од Владата соопшти дека е издадена „забрана до мрежите што известуваат за експлозијата во Анкара“.
По вчерашниот стравичен напад во Анкара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека „ќе го ‘фрли’ тероризмот на колена“.
– Нашиот народ не треба да се грижи, борбата против тероризмот сигурно ќе биде успешно завршена и тероризмот ќе биде „фрлен“ на колена, рече Ердоган.
Во вчерашниот напад преку 125 луѓе се ранети, од кои 19 сериозно повредени. Дури 30 луѓе загинаа на местото на експлозијата, додека седуммина им подлегнаа на повредите во болницата, а меѓу мртвите се претпоставува дека се и двајца од напаѓачите.
Засега уште никој не ја презеде одговорноста за нападите во Анкара.