На 23 февруари дојдов во Киев каде што работам, за да ги завршам моите работни обврски и да се вратам во градот Кропивницкиј каде што живеам со моите деца и родители, раскажува за Нова ТВ Зоја Апостолска, мајка на две деца.
Работата ја завршив и следниот ден требаше да се вратам кај моето семејство во околниот град. Едвај чекав да си бидам пак со децата.
„Меѓутоа во 5 часот наутро ме разбудија страотни звуци. Сфатив дека се случи она најлошото за кое сите мислевме дека е невозможно да се случи. Од минутата кога првите бомби паднаа во Киев мојот живот никогаш нема да биде ист. Толкав страв, ужас и болка никогаш немам доживеано. Тие 10 саати што ги поминав на пат за да се вратам во мојот град ми беа вечност оти не знаев дали ќе успеам да го направам тоа, дали ќе ги видам своите деца“, вели таа.
Зоја вели дека во Кропривницкиј останала до 3 март.
„Фала му на господ, нашиот град не е во приоритетите на рускиот окупатор, па иако често ги слушавме предупредувачките сирени, се случија само неколку експлозии. Но животот ни се сведе на постојано мислење на тие што се во опасност. Мојата тетка помина 8 дена среде пукање и експлозии во Гостомел каде што руските војници брутално ги убиваат цивилите. Втората тетка остана во Киев да им помага на сите што се трудат да го заштитат својот град. Стравотни вести добивав од моите пријателки што живеат во Харков. Градот буквално го срамнија со земја. Куќи, школи, театри, згради – урнати во пепел“.
Зоја вели дека кај неа и нејзините сонародници тлеела надеж дека ситуацијата сепак брзо ќе се смири.
„Но кога надежта за брзо смирување на ситуацијата стана залудна, решив да дојдам во Македонија за да си ги спасам децата. Многу тешко ми беше да одлучам да ги оставам сите што ги сакам и да заминам. На далечина е уште потешко, срцето ми се кинеше кога ја поминував границата на Украина. Таму видов стотини расплачени жени со бебиња, деца и стари луѓе. Сите со страв, неизвесност и без верба дека наскоро ќе можат да се вратат во својот дом. Поминав 3 дена многу тежок пат за да стигнам до Скопје“, раскажува таа.
Нашата украинска соговорничка посочува дека иако не ги слуша веќе сирените за опасност, не ужива во мирот што владее во Северна Македонија. Тоа е така, додава, затоа што ја измачуваат мисли за страдањето на нејзиниот народ во Украина „и реките крв што течат по улиците“ на преубавиот Мариупол, Одеса, Харков и другите украински градови.
„Секоја минута мислам на тие стравотни злосторства што и се случуваат на Украина. За мене Украина не е само држава во која беснее војна, за мене Украина се моите родители, моите другарки што седат со мали деца во подруми, мојата баба која поради скршениот колк не може да трча среде ноќ да се крие во подрумот. Тоа се другарчињата од школо на мојот постар син и дечињата со кои си играше во градинка мојот помал син. Тоа се моите пријатели кои наместо да им се радуваат на своите деца земаа оружје в раце за да се заштитат од руските окупатори“, вознемирено раскажува Зоја.
Таа вели дека ја боли сознанието што многу луѓе овде во Македонија мислат дека во Украина нема цивилни жртви и дека Русија навистина е дојдена да го спаси населението од нацисти како што ја уверува Кремљ меѓународната заедница. „Украина има илјадници цивилни жртви, милиони луѓе немаат струја, вода и пристап до храна, милиони луѓе се будат и заспиваат во скривници бидејќи сирените за предупредување од опасност постојано ечат. Таа истакнува дека цела Украина, како што вели, застана да се брани од руските војници излажани од „руската фашистичка пропаганда“.
„Секоја баба, секое девојче, секое мало дете во Украина ги мрази и посакува тие да заминат од нашата земја“, низ солзи додава таа.
„Секој ден читам вести, гледам слики од убиени деца и срушени градови, плачам и му се молам на Господ оваа страотна војна да заврши. Господ и правдата се на нашата страна. Народот е многу обединет и спремен да се жртвува за да ја одбрани својата татковина од лицемерни варвари кои дојдоа да ја уништат и на кои никогаш нема да им простиме. Се гордеам што сум Украинка, што сум дел од народот кој е толку храбар и силен. Најмногу на светот посакувам да се вратам дома и да ги видам сите мои роднини и пријатели живи и насмеани“.
(С.К.)