Големиот број рестриктивни мерки против сирискиот режим, договорени во изминатите две години, ќе бидат продолжени за уште една година, почнувајќи од утре, па се’ до 1 јуни 2014 година, се наведува во соопштение на ЕУ.
Мерките чија примена се продолжува вклучуваат забрани за извоз и увоз, ембарго на нафта, како и ограничувања во секторот на инвестициите, финансиските активности и сообраќајот.
Меѓу другото, продолжува и замрзнувањето на имотот и забраните за патување на 179 лица поврзани со сирискиот режим.
Замрзнувањето ќе биде продолжено и за 54 институции, меѓу кои и Централната банка на Сирија.
Од 1 јуни земјите-членки на ЕУ самостојно ќе одлучуваат дали ќе вршат достава на внимателно проверено оружје на Националната коалиција, која е главна опозициска групација во Сирија, за заштита на цивилното население.