„Заради покривање на дебаклот кој РМ го доживеа на крајот на јуни во однос на процесот на интегрирање во ЕУ, преку намерно одбрани економски податоци, се настојува да се претстави релативно поволна слика за економијата на Македонија во почетните месеци на 2013 година. Имено, согласно тие извори, економијата на РМ, иако не се наоѓа во одлична кондиција, сепак остварува позитивни придвижувања, па затоа граѓаните и бизнис заедницата треба да бидат мирни и спокојни“, истакна на денешната прес конференција Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.
Според него ќе беше добро доколку нашата економска состојба навистина беше таква, за жал, реалноста е повторно спротивна.
Следи најнапред кратка анализа за тоа што навистина се случуваше во првите 6 месеци во РМ на економски план, а потоа следат заклучоци и препораки.
Тема број 1: Пораст на БДП во првиот квартал – добар почеток и навестување на добри изгледи?
Во првиот квартал на 2013 година БДП на Македонската економија оствари пораст од 2,9%. (Графикон бр 1.) Меѓутоа, тој пораст не е резултат на позитивни и одржливи придвижувања (на пр. пораст на продуктивноста, ефикасноста и сл.), туку на следните 2 работи:
(1) енормно трошење на буџетски средства (како и секогаш со оваа влада пред избори) и
(2) ниска споредбена основа со првиот квартал на 2012 година.
Во таа смисла, ако се направи споредба со првиот квартал на 2011 година, БДП на РМ во првиот квартал на 2013 година пораснал за 1,9% (цел процентен поен помалку).
Графикон број 1
Извор: ДЗС, Соопштение бр. 3.1..13.04, од 14.06.2013 г.
Тема број 2: Од каде се финансира (алиментира) толку големото буџетско трошење? Дали е тоа одржливо?
Согласно податоците на Министерството за финансии, во текот на првиот квартал на 2013 година, буџетот на РМ остварил едновремено пониски приходи и повисоки расходи во однос на првиот квартал на 2012 година (Графикон број 2). Пониски приходи има пред сè во делот на ДДВ и акцизите (што не е чудно, бидејќи паѓа стандардот на граѓаните), а повисоки расходи има особено во делот на трансферите (што е доказ на тврдењето дека трошењето е во функција на изборите во 2013 година). Оттука, и буџетскиот дефицит во првиот квартал на 2013 година е значително повисок од дефицитот во првиот квартал на 2012 година.
Односно, Владата лани, заклучно со мај, направила буџетски дефицит од 80 милиони евра, а годинава од околу 200 милиони евра. Веќе „е изеден“ огромен дел од планираниот буџетски дефицит за целата оваа година. Тогаш, како ќе се остварува буџетот до крајот на годината? Со кое убедување министерот за финансии, во свое недамнешно интервју, изјавува дека: „Буџетот е во добра кондиција, … располага со висока ликвидност, немаме проблем во прибирањето на средствата, редовно ги исплаќаме обврските и очекувам дека и до крајот на годината на таков начин ќе успееме да го поддржиме стопанството, но и да им дадеме поддршка на сите граѓани коишто имаат примања од буџетската каса…“?
Графикон број 2
Извор: Министерство за финансии
Од друга страна, бидејќи буџетските приходи се недоволни за покривање на буџетските расходи, следи доказот за во јавноста веќе добро познатиот факт дека расходите се покриваат со задолжување. Графиконот број 3 тоа го докажува – во првиот квартал БДП пораснал за 2.9% во однос на првиот квартал на 2012 година, но вкупната задолженост на РМ до месец април 2013 во однос на декември 2012 година пораснала за повеќе од двојно – 6.72%; притоа, домашниот долг пораснал за над 4 пати повеќе (12.5%), а пак задолжувањето во државни обврзници пораснало за над 5 пати повеќе (15.1%). Оваа ситуација не е воопшто одржлива! Вака сигурно не може ни до крајот на оваа година, а да не зборуваме за во иднина.
Графикон број 3
Извор: Податоци на ДЗС и НБРМ: Најнови макроекономски показатели.
Во однос на решенијата за тековната економска состојба во РМ – до крајот на оваа година – СДСМ ги предлага следните мерки:
1. Ребаланс на буџетот, бидејќи, како што сега стојат работите, постојниот буџет е неостварлив. Ребалансот би требало да се направи рано наесен. Ребалансираниот буџет ќе мора да содржи намалување на буџетската потрошувачка, бидејќи дефицитот на крајот на годината ќе биде преголем – поголем и од планираниот од 3.5% од БДП; притоа, кратењето на буџетот да не падне на товар на сите корисници на буџетски средства – напротив, платите и социјалните давачки треба да останат на исто ниво – туку да има кратење кај непродуктивните и непотребните расходи. Владата ќе треба барем еднаш да покаже доблест тоа да го направи
2. Запирање веднаш на енормното задолжување заради алиментирање на непотребни и непродуктивни буџетски расходи. Задолженоста на РМ веќе е на граница озбилно да ја загрозува економската иднина на државата, а голем дел од позајмените средства се пласираат во тековна потрошувачка и непродуктивни намени. Истовремено, владата треба најкасно до есента да излезе со јасна стратегија за раководење со јавниот долг, во смисла на тоа колку Македонија може реално (одржливо) да се задолжува и, пред сè, каде треба продуктивно да се вложуваат позајмените средства.
3. Создавање на реални услови за поттикнување на домашните инвестиции; Странските инвестиции не претставуваат замена на недоволните домашни (приватни) инвестиции. Може да претставуваат нивно дополнение – затоа и се пожелни – меѓутоа, економија во која нема доволно инвестиции од страна на домашните претпријатија, не може да остварува одржлив економски развој и трајно решавање на проблемот ан невработеноста. Владата греши што не ја прифаќа (или разбира) таа логика. Но, исто така, пораст на домашните инвестиции не може да се направи само преку влијаење за намалување на каматните стапки на банкарските кредити. Туку, и на домашните бизнисмени да им се понудат поволни услови како и на странските, а потребни се и редица други мерки. За нив подетално ќе зборуваме во блиска иднина.