Интервју со Иво Вајгл (АЛДЕ, група на либералите), известувач на Европскиот парламент за Македонија
Ви благодарам што ја прифативте покана за овој разговор. Би сакала да зборуваме за последните настани во Македонија како и реформите во оваа земја. Вие сте известувач за Македонија во Европскиот парламент. Премиерот Заев пред два дена рече дека Македонија сигурно ќе добие преговори со ЕУ во јуни. Дали го делите овој негов став?
Да, го делам тоа мислење. Всушност би било неодрживо ЕУ да не стои зад она што и го вети на Македонија а тоа е почеток на преговори во јуни и тоа во сите извештаи на Комисијата и на Парламентот. Тоа би бил удар за кредибилноста на ЕУ. Се разбира би бил удар и за проевропскиот курс на земјата. Нејзиното политичко раководство и сите луѓе во Македонија мораа да себе да преземат голема жртва за да се дојде до политички компромис и тоа треба да се почитува. Уверен сум дека преговори ќе има во јуни.
Но ги имаме Франција, Холандија и можеби други земји што во јуни минатата година ја блокираа Македонија. Како сега стојат работите на тој план?
Секоја држава има своја внатрешна политичка агенда. Особено во ова кризни време и тешко е да се предвиди како ќе биде расположението во Франција. Но јас има целосна доверба во Макрон. Тој дојде на власт со интегративна проевропска агенда и не можам да замислам дека тој ќе биде тој што ќе и ја спречи помошта на Македонија во момент кога ги исполнила сите услови. Но, сега треба да се докаже дека реформската агенда не е само политичка празна фраза. Треба да се стои до обврските што македонската влада ги прифатила. А тие се јасно зацртани во документите на Комисијата, извештајот на Прибе а и во самиот Пржински договор. Сега треба да се надокнади она што беше пропуштено за време на кризата и некои други работи што ги окупираа и јавноста и политичарите.
Чувме најубави зборови и честитки за Преспанскиот договор, точно е дека тоа беше процес кој ја одзеде целата енергија на Владата, но граѓаните во Македонија се незадоволни од реформите, велат дека Владата на Заев не го исполнува ветеното. Вие, како известувач, ја следите ситуацијата. Како тие реформи ви изгледаат?
Јас верувам на јавните податоци, верифицирани и од страна на Комисијата и од нашиот претставник во Македонија г-дин Жбогар, дека тој возен ред на реформи, на некој начин се остварува. Имав сега средба со претседателот на опозицијата ВМРО г-дин Мицкоски. Тој ми даде ветување дека партијата е подготвена, и покрај сите резерви што ги имаат…
Тие се многу критични и кон Преспанскиот договор и кон реформите….
Да, но рекоа дека се подготвени да соработуваат со Владата бидејќи и тие ја поддржуваат европската иднина на Македонија. Нема две варијанти за европска иднина на земјата. Постои само една а таа зацртана со реформите. Секогаш постои простор за внатрешно договарање кај политичките партии. Но јас сериозно го сфаќам она што го чув од водачот на опозицијата и немам причина да не верувам дека Владата е свесна, сега кога е направен овој голем чекор, дека треба со сета сила да се влезе во реформи. Од економските реформи до правосудството….
Видено од Брисел, која област е критична во реформите?
Најзначаен е секторот на јавниот живот во кој се создава додадена вредност а тоа е економијата. Таму треба атмосфера, системска рамка за нови инвестии, да се повикаат странски инвеститори, да заживее економијата. Треба и реформа на јавната администрација, судството… Се додека постои недоверба на граѓаните во правната држава, државата не може да почне да дише со полни гради. Така што обемот на задачи за Владата е голем и не може да се направи без соработка со опозицијата. Опозицијата мора да преземе дел од одговорноста., а Владата мора да докаже дека е отворена кон опозицијата.
Значи потребен е националниот дијалог и консензус кој во Македонија е декларативен?
Да. И сега доаѓа уште едно искушение за македонската јавност и политичката елита, а тоа се претседателските избори. Во разговор со претседателот на опозицијата, почувствував дека тие стравуваат од тоа дали изборите ќе бидат фер и бараат контрола од страни известувачи. Уверен сум дека тоа ќе го има и сакам да верувам дека Владата е свесна дека во тој миг, кога и очите на меѓународната јавност ќе бидат свртени кон Македонија, коректноста на изборите ќе биде обезбедена.
Кога сега би требало да се отворат преговорите, во февруари или март, дали ЕУ би рекла – да, имате доволно реформи за да се оди понатаму?
Уверен сум дека, ако сега се отвораа преговорите, одговорот на некои земји би бил негативен. Треба уште многу да се направи во следните месеци за да се дадат резултати од реформите. Сега е време за сериозна работа.
За вас не е време за предвремени избори како што бара опозицијата?
Знам дека Комисијата, преку г-дин Хан, кого го ценам и сметам дека неговиот придонес во помирувањето и стабилизирањето на Македонија, рече дека сега е време за реформи и тоа е приоритет. Политиката ја одигра својата улога, во класична смисла на зборот, и македонската и грчката. Не би требало било кој да го доведува во прашање овој историски договор. Тој е тежок и комплициран. Комплициран е и за грчката страна, не е само за Македонија.
Од политички аспект разбирате дека опозицијата се надева дека ќе ја освои власта, а власта се надева дека ќе добие нови четири години…
Опозицијата има право да ја игра својата политичка игра и да бара предвремени избори ако смета дека тоа им е во интерес. Европската Унија, преку Комисијата, стави на знаење дека тоа може да и штети на перспективата за интегрирање во ЕУ…. а би можело да го доведе во прашање и самиот почеток на преговорите. Тука не е дозволено партиско играње. Мислам дека тоа го сфаќа и опозицијата.
Добивте таков впечаток од разговорот со Мицкоски?
Верувам дека добро го сфатив и дека тој ги разбира аргументите зошто сега тоа не е добра опција за државата, за Македонија.
Лидерот на Неа Демократија Мицотакис рече дека ќе ја блокира Македонија 70 пати за време на преговорите со ЕУ?
Такви закани сме виделе и доживеале. Доживеавме во Словенија кога стануваше збор за хрватското зачелување во ЕУ, кога политиката не беше способна да дојде до компромис и да ги реши проблемот со границата. Сега тоа го слушаме повремено во Хрватска кога се работи за Србија. Мислам дека тие видови уцени за Европа не е прифатливо. И Мицотакис, кога и ако дојде на власт, ќе мора прифати реалност а таа не е реалноста на улицата ни во Атина ниту во другите градови во Грција. Тоа е заеднички интерес на ЕУ и Грција како една од клучните држави во тој дел од Европа, за да се изложува тој дел на Европа на нов стрес и кризи. Верувам дека тоа се пораки за домашната јавноста, а за Европа не се употребливи.
Европската комисија се уште не кажала дали годишниот извештај за Балкан ќе го објави во април или во јуни. Имате ли сознанија за тоа?
Не, немам. Не сум сигурен во тоа и не можам да зборувам за тоа. Нашата работа во Парламентот ние ја завршивме и го објавивме нашиот извештај и нашето мислење. А тоа е дека ја поддржуваме Македонија под услов да се стаса до договор а тој договор е постигнат. Оттука, ќе дадеме силна поддршка Македонија да оди понатаму. Се разбира и екипата во оваа куќа ќе се смени. Ќе дојдат други луѓе.
Имено, како европските избори ќе влијаат на Македонија, преговорите, Балканот….?
Јас се надевам дека нема да влијае на негативен начин. Сепак тој “Pacta sunt servanda” (“Договореното мора да се почитува”) е еден од темелите на парламентарната демократија на западната цивилизација. Така што сметам дека обврските што ги прифатиле Парламентот и Комисијата во овој состав, ќе ги почитува и следниот состав.
Уште едно прашање. Слушаме дека ќе оживее процесот Жан Моне. Вие сте дел од таа група…
Следната средба на процесот ќе ја имаме во април во Скопје. Се договоривме веќе за некои теми. Но, поголемата вредност на тој процес е што тој ги стимулира различните политички чинители и партии, за да седнат заедно…
Тоа е вежба за национален консензус…
Па да, да се созаде консензус во некои прашања коишто не се клучни. За клучните прашања секогаш ќе одлучува Собранието. Ние сме тука како платформа за дијалог. Во разговорот со претседателот на ВМРО, тој рече дека се радуваат поради продолжувањето на процесот. Тоа ни го рекоа сите, и претседателот на Парламентот и другите водечки партии во Парламентот.
Уште едно прашање. Вие знаете дека за постигнување на Преспанскиот договор беше донесена амнестија за некои случаи, дека се смени и законот…. Тоа некако не оди со реформите што Европската комисија ги бара од Македонија. Дали тука има конфликт што може да наштети?
Овде решавате едно клучно прашање и се фокусирате на него – како ќе го остварам тоа што е моја главна задача. Главна задача на Владата, и потрагата по разбирање од сите значајни актери во тоа, беше начинот да најде пат за помирување и да се најде пат, за оние кои имаат крупни кривични дела, тие да минат низ судовите, а да се отвори вратата и да се биде потолерантен кон оние што во некој миг се заборавиле и коишто со своите акции не им направиле трајна и голема штета на приоритетните интереси на Македонија. Така што јас не би сакал да судам, но резултатот беше позитивен и се надевам дека и во иднината постапките нема да одат во насока на реваншизам, туку во зајакнување на свеста за тоа дека правната држава е само државата во која се почитува правото.
Да се надеваме дека и Комисијата ќе го дели овој ваш став…
Верувам дека е тоа мислење и на Комисијата.
Ви благодарам.