Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, кој вчера учествуваше на самитот на Иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид, денеска е во посета на Бугарија.
Вархеји во Софија ќе има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, со премиерот Кирил Петков и со министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска.
Еврокомесарот Вархеји ја најави посетата на Бугарија при последниот престој на 20 мај кога, по средбите со Радев, со Петков и со Генчовска, рече дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.
Вархеји пред заминувањето за Софија вчера изјави дека интензивно се работи Скопје во јуни да го почне преговарачкиот процес за пристапување во ЕУ.
„Северна Македонија мора да успее и сите ние мора да работиме на тоа. Се додека постои најмала шанса, ќе продолжам да работам. Од тука заминувам веднаш во Софија и ќе продолжам да работам за решение во јуни“, рече еврокомесарот на прашањето какви се шансите на Северна Македонија со оглед дека останаа уште две недели до Самитот на ЕУ.