Пишува: Зоран Стефановски, новинар
Октомври 1998-ма година, петок вечер во дескот на тогашна А1, по вестите во 22:00 се слушаше – тишина. Двајцата дежурни реализатори на програмата седеа и гледаа некаде во празно. Ги прашав што им е, а тие, на крајот од силите, ми се “пофалија” дека нема веќе платена или каква било друга политичка програма и дека уште малку па ќе почне изборниот молк.
18 години подоцна, Нова ми побара текст за парламентарните избори во Велика Британија. “Да бе, избори се”, си помислив, “а човек речиси и да не забележи, дури и такви како мене, заакани по политика”. Постери и билборди не можеш да видиш, барем во деловите на Лондон низ кои јас се движам, а бааги се движам. Платена политичка програма? Речиси и да нема, затоа што рекламирањето на британските телевизии е скапо, а овдешните партии не се нешто богати. Добро, информативните програми на телевизиите и весниците посветуваат должно внимание, ама сето тоа не е претерано. Британците, по толку многу избори, ја нашле вистинската мерка.
Во кампањата која траеше неполни 40 дена, клучен приоритет беше штедењето. Британија се уште заздравува од големата финансиска криза од 2008-та и гледа што побрзо и што повеќе да го намали буџетскиот дефицит, односно задолженоста.
За таа цел, до вчера владеачките Конзервативци ветија целосно раздолжување и вишок во буџетот до крајот на идниот парламент, значи за пет години. Ветија и 8 милијарди фунти за државното здравство, право на откуп на социјалните станови, како и референдум околу членството на Велика Британија во Европската Унија.
Лабуристите се обврзаа дека ќе ја намалуваат задолженоста секоја година и дека на крајот од мандатот ќе го урамнотежат буџетот. Најавија 2,8 милијарди фунти за здравството, што ќе биде финансирано со оданочување на куќите кои вредат повеќе од два милиона фунти, без да го зголемат ДДВ-то или пак придонесите за пензиско и здравствено осигурување.
Ова се ветувањата, а деталите како ќе бидат исполнети, се оставени за понатаму. Дел од избирачите се сомничави, па веројатно затоа конзервативниот лидер Дејвид Камерон најави дека дел од ветувањата ќе преточи во закон, како гаранција дека реченото ќе биде и сторено. Политичарите во Шкотска пак го сменија и речникот, па не зборуваат за ветувања, туку за заклетви.
Се чини дека, барем според испитувањата на јавното мислење, сите овие ветувања, заклетви и закони нема да го сменат крајниот исход, кој се очекува да биде – нерешен. Лабуристите и Конзервативната партија, веќе подолго време си дишат во врат. Во изминативе неколку месеци разликата не беше поголема од 2%, а најновите испитувања на јавното мислење предвидуваат дека двете партии ше освојат по 35% од гласовите.
Тоа пак значи повторно “hung” парламент или парламент кој виси,бидејќи ниту една партија ќе нема доволно мнозинство за самата да формира влада. Така се отвораат портите за она што Британците го нарекуваат “horse trading”, а ние пазарење околу можните коалиции. Иако Дејвид Камерон најавува дека самиот ќе формрира влада, можно е повторно да му треба коалицискиот партнер од изминатите пет години – Либерал-демократите на Ник Клег. Со очекуваните 8% гласови, Клег се надева да биде создавачот на идниот крал, поточно премиер. Клег и самиот призна дека нема да му биде проблем да влезе во ново партнерство со Конзервативците, “за тие да не отидат премногу во десно” или пак со Лабуристите “за да не застранат во лево”.
Посилна од Клег во пост-изборната трговија може да биде УКИП (Независната партија на Велика Британија) на некогашниот брокер Најџел Фареџ. Но, се чини дека барем во моментов, никој не ги сака неговите очекувани 13% гласови. Тој е за целосно излегување на Британија од Европската Унија, за така да се спречи доселувањето на имигранти од источна и јужна Европа. Оние со поостар јазик го сметаат за расист, поблагите и имигрантите, како и мојата маленкост, го сметаат за политичар кој се грижи само за тоа како да ги држи Пољаците, Бугарите и Романците подалеку од Британија.
Кои се пак можните партнери на лабуристичкиот лидер Ед Милибанд? Него противнците го нарекуваат “Ed the Red Miliband“, односно Црвениот Ед, затоа што беше избран за партиски водач со помош на Синдикатите и тоа во директен судир со брат му Дејвид. Како таков и нему би му била блиска Либ-Дем партијата. Но негови соработници можат да бидат и Зелените на г-ѓа Натали Бенет. Во текот на кампањата уште една госпоѓа се обидуваше од петни жили политички да го гушне Милибанд каде и да го види. Тоа беше ѕвездата на предизборието и водачот на Шкотската национална партија Никола Старџон. Но Ед бегаше од неа што подалеку од две причини: прво, таа најверојатно ќе ги прегази Лабурстите во Шкотска, до неодамна едно од најголемите упоришта на Лабурстите. Второ, Конзерватиците убедија голем број избирачи дека коалицијата на Лабуристите со СНП, партијата која се залага(ше) за отцепување на Шкотска од Велика Британија, ја води земјата кон голема нестабилност.
Но иднината на некогашната империја, како што тврдат и оние кои уште минатата есен го спроведоа неуспешниот референдум за независност на Шкотска, не е загрозена. Сепак, денешните избори , поточно неизвесниот исход, ќе отворат сериозни прашања околу идната организација на земјата, нејзиното членство во Европската Унија, како и правичната застапеност во британската демократија. И секако, прашањето за можни вонредни парламентарни избори.