Малиот пацифички остров Гуам се најде во центарот на светското внимание, откако Северна Кореја вчера објави план за ракетен напад врз оваа американска територија во западниот дел на Тихиот Океан.
Ваквата најава од Пјонгјанг предизвикува загриженост кај 160-те илјади жители на Гуам дека нивниот остров би можел да биде жртва на евентуален конфликт меѓу САД и Северна Кореја.
Зошто токму Гуам
Островот Гуам е американска прекуморска територија уште од 1898 година. Тој е најблиска американска територија до Северна Кореја, која од Корејскиот Полуостров е оддалечена околу 3.000 километри.
Стратешкото значење на Гуам е и во тоа што на него се наоѓа американска веона база опремена со противракетниот систем ТХААД, кој може да пресретнува интерконтинентални ракети. Во оваа база се стационирани околу 7.000 американски војници, како и бомбардери од типот Б-52, кои имаат можност да носат и атомски бомби.
Аналитичарите проценуваат дека евентуален севернокорејски ракетен напад врз Гуам ќе претставува „јасна демонстрација на сила“, но и доказ дека ракетната програма на Северна Кореја е во постојан прогрес.
„Вашингтон Пост“ пред неколку дена излезе со тврдење дека Северна Кореја произвеала „минијатурна нуклеарна боева глава“, кој би можела да ја понесе интерконтинетална балистичка ракета.
Со деталниот план за напад врз Гуам, што вчера го објави Северна Кореја, се предвидува стрелба на балиситички ракети кон островот, кои би паднале во водите на Тихиот Океан на околу 30 до 40 километри од гуамските брегови.
Во најавата од Пјонгјанг беше посочено дека планот следната недела ќе му биде презентиран на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, по што тој ќе донесе одлука за „понатамошните чекори“.
Јапонија и Јужна Кореја најавија „жестока реакција“ доколку Пјонгјанг продолжи со подготовки за реализација на ваквиот план, а евенталното лансирање на ракети кон Гуам ќе ги принуди САД на реакција за нивно пресретнување, што би можело да доведе до ескалација на насилството.
Жителите во очекување на „страшниот ден“
Во вакви услови, се повеќе растат загруженоста и стравот меѓу жителите на Гуам, кои се американски државјани, но немаат право на глас на изборите во САД.
– Се плашиме. Мораме да се подготвиме доколку се случи нешто и се молиме на Бога да не се случи ништо. Сите сме во паника, изјави 56-годишната жителка на Гуам, Дејзи Мендиола за магазинот „Тајм“.
Весникот наведува дека жителите на Гуам стравуваат дека актуелната американска Администрација нема да може да најде мирен излез од кризата, која од ден на ден се повеќе се вжештува.
„Тајм“ пренесува изјава на локланиот адвокат Тод Томпсон која вели дека закани имало и порано, но не реагирал на нив, бидејќи верувал дека „студените глави во Вашингтон ќе го решат проблемот“, но оти сега веќе не е сигурен во тоа.
Магазинот наведува дека и покрај зголемените стравувања на жителите на Гуам, засега се уште никој од нив не го напштил островот, ниту пак е регистрирано создавање резерви на храна.
Реакции: Вашингтон и Пјонгјанг да се договорат
Северна Кореја и САД треба да почнат дијалог за намалување на тензиите, изјави Чунг Еуи-јонг, советник на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин, во интервју за весникот „Асахи“.
– Доколку САД не се откажат од непријателската политика нема да има никаков одговор од Северна Кореја за преговорите за ракетната и нуклеарната програма. Северна Кореја и САД не треба взаемно да се провоцираат туку да почнат дијалог, посочи Чунг.
Кина, најважниот сојузник и трговски партнер, повторно повика на мир во актуелната криза и изрази незадоволство од севернокорејските нуклеарни тестирања, но и на однесувањето на САД и Јужна Кореја за кои смета дека ги креваат тензиите.
Ако Северна Кореја ги нападне Соединетите Американски Држави Кина би требало да остане неутрална, но ако САД нападнат први и се обидат да ја урнат севернокорејската влада Кина ќе ги сопре, пишува официјалниот весник на кинеската влада.
Државниот весник Глобал тајмс, зад кој стои кинеската Комунистичка партија, во уводникот пишува дека Пекин не успева да ги убеди ни Вашингтон ни Пјонгјанг да ги смират тензиите.
-Би требало на сите страни да им се даде јасно до знаење дека кога нивните потези ќе ги загрозат кинеските интереси, Кина решително ќе одговори, пишува весникот кој не го претставува официјалниот став на владата.
-Кина мора јасно да даде до знаење дека ако Северна Кореја прва лансира проектили кои се закануваат на американска територија, Кина ќе остане неутрална“, но дека „ако САД и Јужна Кореја извршат напади и се обидат да го урнат севернокорејскиот режим и да ја променат политичката матрица на Корејскиот Полуостров, Кина во тоа ќе ги спречи, пишува весникот.
Пекинг смета дека Северна Кореја е корисна тампон зона меѓу Кина и американските сили стационирани во Јужна Кореја и во Јапонија.
-Корејскиот Полуостров е место каде што се судираат интересите на сите страни и ниедна страна не би смеела да биде апсолутно доминантна во регионот, заклучува весникот.
Претседателот на САД Доналд Трамп вчера ја заостри реториката кон Северна Кореја и нејзиниот режим предупредувајќи го Пјонгјанг да не помислува на напад врз американскиот пацифички остров Гуам „бидејќи ќе им се случат нешта за кои никогаш не мислеле дека се возможни“.





