Ураганот Нејт стигна до американската сојузна држава Луизијана, соопшти Американскиот национален центар за урагани (НХЦ).
(Фотографија: Уништен пат во Централна Америка после Нејт)
Ураганот, кој со себе носи ветер со брзина од 137 километри на час, се движи кон север и се очекува во текот на денот да го погоди и Мисисипи.
Во сојузните држави Луизијана, Мисисипи, Алабама и делови од Флорида веќе е издадено предупредување за ураган и наредена е итна евакуација на населението.
Ураганот Нејт во Никарагва, Костарика и Хондурас веќе однесе 25 животи. Нејт од тропска бура прерасна во ураган од прва категорија, на скалата од 1 до 5.
Се очекува ураганот Нејт, иако ја нема силата на ураганите Марија и Ирма кои минатиот месец ги опустошија Карибските Острови и делови од САД, да донесе силен ветер и поројни дождови.

