Комисијата за образование наука и спорт не може да отпочне со работа заглавувајќи на Делвникот според кој треба да се работи. Како една од спорните точки е и законот за формирање на универзитетот „Дамјан Груев“.
Откако претседателката на Комисијата, Олга Најденовска ја отвори денешната седница, процедурално се јави за збор координаторот на пратеничката група на СДСМ – Горан Сугарески кој порача дека опозицијата нема да дозволи преседан и самоволие на партијата на власт.
Членовите од опозицијата сметаат дека Најденовска веќе направила преседан, предлагајќи да се ограничи правото на дискусија на пратениците, што е не е предвидено во ниту еден член од Деловникот.
Сугарески побара да се тргне точката за предлог-одлука за ограничување на дискусија, која за нив е спорна, а за владејачката партија, според Сугарески тоа е веќе донесена одлука.
– Пратениците имаат право да зборуваат колку сакаат. Проценката за амандманите дали се многу или малку никој нема право да каже. Деловникот на ниеден основ не можете да го кршите, а вие сакате да донесете нови правила врз основа на мнозинство. Во 2013 сами го донесовте овој Деловник и еднаш ако не се почитува, утре може да се крши при работата и на други комисии, рече Сугарески.
Собранието на 28. јануари со мнозинство гласови во прво читање го поддржа предлог-законот за основање универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“.
Планирано е во рамки на универзитетот да функционираат осум факултети: Воена академија, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство и Институт за информатички технологии и сајбер безбедност, од кои поголем дел треба да почнат со работа во академската 2016/17 година.