На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.

