Владата не сака да ја коментира колумната на лидерот на ДУИ и коалиционен партнер Али Ахмети за Дневник, во која тој порачува дека сега е време за големи одлуки кои подразбираат решение за името и влез во НАТО.
Како што јавува 24 вести , клучната порака на Владата е посветеност во преговорите за решавање на спорот со името.
Имено, Али Ахмети, лидерот на ДУИ во колумна за денешен Дневник повикува на решение на името и конечно, влез во НАТО, што всушност е и насловот на оваа колумна -“Време е за НАТО”
Oколу решението за името Ахмети вели: “Ако некој се повикува на зрелост, патриотизам, граѓански интерес, рационалност, а зошто и да не и на идентитетска определеност, велам дека не треба да имаме повеќе ниту една дилема дека токму сега е моментот Република Македонија и нејзините граѓани, со тие што ги носат одлуките да го направат потребниот чекор.
За некого, ова може да биде чувствително, идентитетско прашање. Но, како што нагласив, за една земја, определбата со какви вредности посакува да живее и да се претставува, исто така преставува дел од идентитетот.”
Оттука, тој бара голема одлука за која треба храброст: “За секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи, потребна е храброст. Заедничка храброст”.