Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бурно реагираа на почетокот на денешната Собраниска седница по информацијата на НОВА ТВ дека Владата до Собранието доставила предлог-измени на Изборниот законик.
„Никогаш не се менувал Изборен Законик без консултации со опозицијата. Власта само што го испрати еврокомесарот Јоханес Хан до Собранието достави вакви „европски“ и „демократски“ измени на законот“, рече Данев од собраниската говорница.
Како што објави НОВА ТВ, Владата до Собранието денеска доставила измени на Изборниот Законик кои треба да се изгласаат по скратена постапка.
Со измените се предлага изборот на членови на Државната изборна комисија (ДИК) да се избира со просто мнозинство од 61 пратеник, а не со двотретинско мнозинство како што беше до сега.
По бурните реакции на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието Талат Џафери објави еден час пауза.