Опозициската СДСМ очајно се обидува да ги избрка инвеститорите од Македонија плашејќи се дека Владата би добила поени кај граѓаните во одност на активностите со кои се привлекуваат странските инвестиции, реагираат од ВМРО ДПМНЕ по прес-конференцијата на СДСМ на која портпаролот на партијата, Петре Шилегов изјави дека ќе бараат разгледување на склучениот договор со Субрата Рој во Собрание.
>> СДСМ бара договорот со Субрата да се разгледува во Собрание
„Закупот, за кој што говори СДСМ, сеуште не се плаќа, бидејќи договорот штотуку беше склучен. Фирмата која ќе го плаќа закупот ќе се докапитализира, или додека да почне да генерира приходи ќе ги исплаќа обврските од средства кои ќе ги добива од фирмата-мајка. За склучувањето на договорот, фирмата закупец има доставено банкарска гаранција во вредност од 3 милиони евра, со која државата се заштитува и доколку не се исполнуваат обврските од договорот, не само што ќе се наплати банкарската гаранција, туку и договорот за концесија ќе биде раскинат“, се вели во писмената реакција на владејачката партија.
Според ВМРО ДПМНЕ, за Сахара Груп во Македонија важат истите закони кои важат и за фирмите на сите други, па и на Зоран Заев. Токму неговите фирми ги користат бенефициите од политики на оваа Влада и доблесно е кога веќе пресметуваат во СДСМ, да кажат колкави суми на субвенции добиваат фирмите на Зоран Заев и фирмите блиски на СДСМ од Буџетот на Република Македонија?
Претходно на денешната прес-конференција, Социјалдемократскиот сојуз изјави дека ќе поднесе барање како точка на дневен ред на седницата на собраниската комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство да се разгледа склучениот договор со Субрата Рој, бидејќи според нив склучениот договор предизвикал многубројни дилеми.