ВМРО-ДПМНЕ со реакција кон СДСМ, околу нивното потсетување дека токму Антонио Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи во владата на Никола Груевски, со својот потпис до генералниот секретар на Обединетите Нации, потврди дека во 2008 година премиерот Груевски се согласил за промена на нашето уставно име во Република Македонија (Скопје), без објаснување за ниту еден од деталите кои денес ги бараат од опозицијата.
Во реакцијата се вели:
-Наместо да одговорат на коректните и јасни прашања, што ВМРО-ДПМНЕ ги постави до Радмила Шеќеринска, СДСМ одлучи да ја манипулира јавноста со груби лаги.
За исто вакво тврдење господинот Тито Петковски доби тужба и ќе мора пред суд да ја докажува својата лага.
Грубите измислици и лаги како напад врз ВМРО-ДПМНЕ, не се одговор на прашањето што ние и го поставивме на Радмила Шеќеринска, а тоа е: каков е тој компромис, кој Грција би го прифатила, а нема да ги загрози националните и државни интереси на Република Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која започна со интервјуто на Шеќеринска за Радио Слободна Европа и нејзиното објаснување дека решение за името е единствена алтернатива за напредок на земјата. После тоа, ВМРО-ДПМНЕ побара објаснување од неа, односно од СДСМ за какво решение, каков компромис се залагаат и оттука, СДСМ ги потсети на писмото до ОН од страна на Милошоски во кое се бара промена на името. ВМРО-ДПМНЕ, според оваа реакција тврди дека не постои такво писмо.