Берзанските индекси на Волстрит достигнаа нови рекордни максимуми во понеделникот, бидејќи инвеститорите се надеваат на трговски договор меѓу САД и Кина и натамошно намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Индексот Dow Jones порасна за 0,71 отсто на 47.544 поени, додека S&P 500 скокна за 1,23 отсто на 6.875 поени, а композитниот индекс Nasdaq доби на вредноста 1,86 отсто на 23.637 поени.
Новите рекорди за овие индекси во голема мера се должат на надежите на инвеститорите дека САД и Кина ќе постигнат трговски договор оваа седмица. Во неделата, американските и кинеските преговарачи се согласија за рамката на трговскиот договор за којшто американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега Кси Џинпинг ќе го одлучат во четврток на состанок во Јужна Кореја. Доколку се постигне договор, Вашингтон нема да воведува драстични царини за увоз на кинески производи, а Кина ќе се откаже од строгите контроли врз извозот на ретки земни метали.
Дополнително, инвеститорите оваа седмица ќе се фокусираат на кварталните деловни резултати на некои од најголемите технолошки компании во светот – „Microsoft“, „Apple“, „Alphabet“, „Amazon“ и „Meta Platforms“. Огромното мнозинство компании што досега објавија деловни извештаи објавија подобри од очекуваните резултати и во однос на приходите и во однос на заработката.
Затоа, инвеститорите се надеваат дека овој тренд ќе продолжи со резултатите на технолошките гиганти. Благодарение на ова, цените на акциите во технолошкиот и комуникацискиот сектор вчера најмногу пораснаа.
Пазарот е поткрепен и од верувањето на инвеститорите дека оваа седмица, челниците на американската централна банка дополнително ќе ги намалат каматните стапки за 0,25 отстотни поени на нивниот редовен состанок, како што направија во септември. Иако инфлацијата во САД е сè уште околу 3 отсто, далеку над целното ниво на Fed од околу 2 отсто, инвеститорите веруваат дека Fed сепак ќе ја намали цената на парите за да го стимулира ослабениот пазар на трудот и економскиот раст.
Цените на акциите на европските берзи, исто така, пораснаа вчера. Лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,09 отсто на 9.653 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 0,28 отсто на 24.308 поени, а парискиот CAC за 0,16 отсто на 8.239 поени. Благодарение на ова, индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,2 отсто, на ново рекордно ниво.

