Под отворено небо општина Центар ја одржа својата вонредна седница, вечерва кај хотелот Бристол каде во саботата ноќта беа исечени 50-годишните дрвја.
И покрај јавните повици на седницата не се појавија советниците од владеачката ВМРО – ДПМНЕ- присуствуваа само советниците од коалицијата „Сојуз за иднината“ и градоначалникот Андреј Жерновски.
„Оваа седница тука ја одржуваме да не чујат граѓаните, но за жал веќе 5 дена, нашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ молчат. Пет дена ги повикуваме да кажат нешто“, рече на вонредната седница на општина Центар советничката Саша Гошева Сашек.
Според претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ начинот на кој бил донесен ДУП-от за оваа локација, во пет часот наутро, онака како што беа исечени и дрвјата е спротивен на законот и на Уставот.
Советникот Јован Тагасовски праша дали мораше оваа локација, или пак власта се свети на жителите на Центар за изгубените избори во општината.
Советниците рекоа дека не се откажуваат од расправата за овие ДУП-ови и дека во иднина тие ќе бидат разгледани, на седницата која ќе се одржи овој месец.
Непосредно по завршувањето на седницата во изјава за дел од медиумите советникот на ВМРО – ДПМНЕ Илија Илијовски рече дека тие како членови на Советот на општината Центар избрани непосредно од граѓаните на општината биле спречени, грубо, вербално нападнати од членови, активисти на ЛДП и СДСМ и им бил оневозможен пристап пред хотелот Бристол каде што се одржа закажаната вонредна седница.